Околу 30.000 полицајци ќе бидат распоредени низ Франција в недела вечер поради страв од насилства по одржувањето на вториот круг од парламентарните избори, на кои се очекува победа на крајната десница, која се надева на освојување апсолутно мнозинство во парламентот.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан изјави дека 5.000 полицајци ќе бидат на должност во Париз и околните области за да се спречат евентуални нереди што би ги предизвикале левите и десните радикали.
Четири лица, вклучувајќи 18-годишник, се уапсени за нападот врз владината портпаролка Приска Тевено. Таа и нејзиниот тим биле нападнати вчеравечер додека лепеле плакати во околината на Париз, при што се повредени две лица.
Кандидатка на Националниот собир (РН) на Марин Ле Пен во Савоја исто така кажа дека била нападната, како и еден кандидат на партијата Републиканци,
„Ајде да ја отфрлиме климата на насилство и омраза. За нив нема место во демократија“, изјави премиерот Габриел Атал.
По неделните избори се очекува РН да стане најголемата партија во парламентот за првпат досега, без разлика дали ќе го достигне потребното мнозинство од 289 пратеници. Ле Пен смета дека тоа може да се постигне ако излезноста биде голема.