СРАМОТА Е, ЗНАМ, НО ЌЕ МОРА ДА ПОСТАВИМЕ БЛОКАТОРИ КОГА ЌЕ СЕ ПОЛАГА ДРЖАВНА МАТУРА, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА ОТКАКО СЕ ФАТЕНИ 268 ПРЕПИШУВАЧИ

    СРАМОТА Е, ЗНАМ, НО ЌЕ МОРА ДА ПОСТАВИМЕ БЛОКАТОРИ КОГА ЌЕ СЕ ПОЛАГА ДРЖАВНА МАТУРА, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА ОТКАКО СЕ ФАТЕНИ 268 ПРЕПИШУВАЧИМинистерката Јаневска и директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска. (Фото: К. Попов)

    Просечната оценка на државната матура е 3,25, најниска во изминативе години, а на 268 ученици им било поништен тестот, кажаа денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Билјана Михајловска.

    Презентирајќи ги резултатите од матурата во јунскиот рок, Михајловска кажа дека споредбено со минатите години, просечната оценка е пониска, но вели, овие резултатите се најобектини досега, бидејќи за првпат државната матура се полагаше во школски сали и холови. Лани оценката била 3,65, во 2022 била 3,78  и 3,61 во 2021 година.

    Вкупно 14.834 пријавени кандидати, на 1 јуни го полагаа задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека на 8 јуни се полагаше изборниот предмет.

    „Откриени се 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека 4 ученици се фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања. При оценувањето на тестовите, оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. На 268 ученици на кои им е изречена мерката поништување на испитот ќе можат повторно да полагаат во августовскиот испитен рок“, рече Михајловска.

    Најголем број на прекршување на правилата за полагање на Државната матура се констатирани во Средното училиште „Арсени Јовков“ во Скопје вкупно 32, потоа во Средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје каде се изречени 18 мерки, во Средното училиште  „8 Септември“ – Тетово има 14 изречени мерки, по 13 мерки за прекршување на правилата на тестирањето се изречени во СУ „Методија Митевски – Брицо“ – Скопје и  „28 Ноевмри“ – Дебар. Во „Цветан Димов“ Скопје се изречени 12 мерки за отстранување од процесот на полагање на Државната матура.

    (Извор: Државен испитен центар)

    Министерката Јаневска најави дека од догодина се размислува да се полага во амфитеатрите на факултети и дека ќе се постават блокатории и друга технологија.

    „Срам ми е дека ќе мора да постапиме блокатори, но тоа е неопходно за доброто и за иднината на учениците. Мене ми е јасно дека ниту за 8 дена, ниту за осум месеци нема да се смени менталитетот на народот. Во странство е срамота 1 ученик од 14 милиони да препишува, а не од 14 илјади како кај нас. Но мора тоа да го воведеме, за да не му падне на памет на ниту еден ученик да препишува, ниту на еден тестатор да замижува“, рече министерката.

    На новинарско прашање дали ќе има казни за тестаторите од школите каде се регистрирани пропусти, Јаневска кажа дека тоа е токму една од аномалиите на правилниците за полагање државна матура, дека не се предвидени ниту награди, ниту казни, и најави измени од аспект на подигнување на одговорностите на лицата кои се вклучени во процесот.

    „Мора да постојат санкции за набљудувачите, тестаторите и за сите они ги делат просториите со учениците што полагаат, а прават пропусти и жаргонски кажано – замижуваат пред некоректни активности од страна на учениците“, рече министерката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира