Виктор Орбан се сретна со Владимир Путин во Москва за да разговараат за мир во Украина, што предизвика осуда од европските лидери, кои нагласија дека унгарскиот премиер не зборел во името на ЕУ.
Унгарија на 1 јули го презеде шестмесечното претседавање со ЕУ и Орбан допатува во Москва само три дена по првата посета на Киев од почетокот на војната, кога на Володимир Зеленски му предложи примирје со Русија. Тој кажа дека дошол во Москва во мировна мисија, неколку дена пред самитот на НАТО во САД, на кој Украина треба да биде главна тема.
„Унгарија наскоро ќе стане единствената држава во Европа кој ќе може да разговара со сите“, порача Орбан.
Орбан, кој важи за најголем сојузник на Русија во ЕУ, призна дека нема мандат од ЕУ за своето патување, но додаде дека мир не може да се постигне од удобна фотелја во Брисел.
„Не можеме само да седиме и да се надеваме дека војната чудесно ќе заврши“, кажа Орбан.
Еден европски дипломат изјави дека во Брисел со право постои скептицизам околу унгарското претседавање со ЕУ и дека Будимпешта само сака да ги промовира своите интереси. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Орбан не ја претставува ни алијансата, која претходно ја известил за патувањето.
Ова е прво доаѓање на еден лидер на ЕУ во Москва од април 2022, кога австрискиот канцелар Карл Нехамер неуспешно се обиде да преговара за крај на војната.