Франција би можела да има нестабилен парламент по денешниот втор изборен круг, во кој левичарската коалиција Нов народен фронт (НПФ) изненадувачки излезе како победник, што ќе ја спречи крајната десница да формира влада за првпат. Ако резултатите на излезните анкети и официјално бидат потврдени, тоа ќе го подели парламентот на три големи блока со значително различни платформи и без традиција да соработуваат.
Францускиот премиер Габриел Атал изјави дека утре ќе поднесе оставка откако левичарската коалиција.
НПФ, која ги обединува крајната левица, Социјалистите и Зелените, треба да има меѓу 175 и 215 пратеници, велат првите проекции, кои вообичаено излегуваат точни. Иако се очекуваше голема победа на крајната десница, и овој исход е понижувачки за Емануел Макрон, чиј центристички сојуз Заедно ќе освои меѓу 150 и 180 места во парламентот.
Макрон моментално ги анализира резултатите од изборите и ќе почека да добие целосна слика пред да ги донесе следните одлуки, кажаа од неговиот кабинет
„Претседателството ќе ја почитува волјата на францускиот народ“, соопштија оттаму, додавајќи дека Макрон нема да се обраќа вечерва.
Но, уште поголемо разочарување доживеа Националниот собир (РН) на Марин Ле Пен и Жордан Бардела, на кој со недели му се предвидуваше убедлива победа, па дури и дека може да освои мнозинство од 289 пратеници. Анкетите велат дека РН е далеку од тоа и треба да има меѓу 115 и 155 пратеници.
„Франција одлучи да не ѝ даде власт на крајната десница. Ова е победа за Нов народен фронт“, изјави претседателот на Социјалистите, Оливје Фор.
Жан-Лик Меланшон, лидерот на радикалната левица во НПФ, прогласи победа на неговиот блок и го повика Макрон да признае пораз.
„Крајната десница е далеку од мнозинството вечерва. Изборниот резултат произлезе од величествена мобилизација на гласачите. Претседателот мора да се поклони и да признае дека ова е пораз. Премиерот мора да си замине. Ние сме подготвени да владееме“, изјави Меланшон.
Лидерот на РН, Жордан Бардела, кој очекуваше да биде иден премиер, ја критикуваше „неприродната и нечесна алијанса“ која го лиши францускиот народ од победата на неговата партија.
„Вечерва, овие сојузи ја фрлија Франција во рацете на левицата на Меланшон“, кажа Бардела, обвинувајќи го Макрон дека ја втурнал земјата кон нестабилност и неизвесност.
Ривалите на РН повлекоа повеќе од 200 кандидати пред вториот круг, со цел да се создаде обединет глас против крајната десница.
Според уставот, нови избори не може да има во рок од една година, па моментални вонредни избори не се можни.