Најголемата детска болница во Украина е погодена во денешниот руски воздушен напад, чија мета беше и Киев. Претседателот Володимир Зеленски кажа дека Русија лансирала повеќе од 40 проектили од различен тип, при што само во Киев загинале најмалку деветмина луѓе.
Уште десетмина луѓе загинале во Криви Рих, тројца во Покровск и еден во Днипро.
Украинските медиуми објавија дека е погодена и болницата „Охматдит“ во Киев, која е најголемиот детски медицински центар во земјата. Министерот за здравство Виктор Љашко изјави дека се погодени одделенијата за интензивна нега и за лекување од рак.
„Ова е еден од најлошите напади врз Киев од почетокот на војната. Има жртви во болницата, точниот број се утврдува“, кажа градоначалникот на Киев, Витали Кличко.
Украинската војска соопшти дека во нападот врз Киев биле користени и хиперсоничните проектили „кинжал“, едно од најнапредните руски оружја.
Градските власти известија дека остатоци од пресретнати проектили паднале во повеќе делови од Киев, што довело до пожари.
„Нападот се случи во претпладневните часови, кога има многу луѓе на улиците“, кажа шефот на кабинетот на Зеленски.
Зеленски напиша на Икс дека истовремено биле нападнати и Днипро, Криви Рих, Словјанск и Краматорск и дека се погодени бројни цивилни објекти.