МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ОТВОРИ Е-ПОШТА ЗА ПРЕДЛОЗИ ЗА КОНЦЕПЦИЈАТА ЗА СЕДМО, ОСМО И ДЕВЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ, ОТКАКО ВЛАДАТА ОДЛУЧИ ДА СЕ ОДЛОЖИ ПОСТОЈНАТА

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ОТВОРИ Е-ПОШТА ЗА ПРЕДЛОЗИ ЗА КОНЦЕПЦИЈАТА ЗА СЕДМО, ОСМО И ДЕВЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ, ОТКАКО ВЛАДАТА ОДЛУЧИ ДА СЕ ОДЛОЖИ ПОСТОЈНАТАВладата на седницата на 5 јули донесе одлука да се одложи имплементацијата на Концепцијата за основно образование во седмо, осмо и деветто одделение. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за образование и наука (МОН) денес објави е-пошти на кои наставниците може да дадат сугестии за наставните програми од седмо до деветто одделение. Владата на седницата на 5 јули донесе одлука да се одложи имплементацијата на Концепцијата за основно образование во седмо, осмо и деветто одделение, „поради бројните реакции во јавноста дека интегрирањето на предмети ја отежнува реализацијата на наставата, но и на оценувањето, создавајќи конфузност и кај наставниците и кај учениците“.

    Станува збор за Концепцијата која е воведена од 2021, од тогашната министерка Мила Царовска и која почна со тогашните деца од прво и четврто одделение, па следеа новини во програмата кога стигнаа тие ученици во второ и петто одделение, и оваа есен треба да ги опфати кога ќе бидат четврто и седмо одделение. Со таа програма, се споија предметите историја, граѓанско образование и географија во „Историја и општетство“.

    „Сите чинители на воспитно-образовниот процес, можат да дадат свои сугестии за унапредување на постојните наставни програми за седмо и осмо одделение кои се веќе изработени и да учествуваат во изработка на новите за деветто одделение, преку електронските адреси [email protected], [email protected] и [email protected]“, соопшти МОН.

    Согласно одлуката на Владата, запрен е Конкурсот за издавање учебници во деветгодишното основно образование, објавен на 9 април. Во објавата за запирање на Конкурсот кој е објавен пред три месеци, МОН го известува авторот односно авторите кои доставиле ракопис во архивата на Педагошката служба, заклучно со 8 јули 2024 година, дека тој може да се подигне од Педагошката служба најдоцна 15 дена од објавата на соопштението на 8 јули.

    „Незадоволството од нискиот квалитет на воспитно -образовниот процес иницира промени, кои неопходно е да бидат креирани преку поширок консензус. Ги повикуваме сите заинтересирани, а особено проактивност очекуваме од наставниот кадар, да ги достават своите сугестии најдоцна до 31 август. Во интерес на транспарентноста на процесот, МОН и БРО ќе ги споделуваат пристигнатите сугестии, а за сублимирањето и креирање заклучоци, ќе се дискутира на јавен настан.

    Надградените, односно новите наставни програми ќе се воведуваат етапно, во 2025 година во седмо, 2026 година во осмо и во 2027 година во деветто одделение“, велат од МОН.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира