КИНЕСКИОТ РИВАЛ НА „ТЕСЛА“, „BYD“, ЌЕ ГРАДИ ФАБРИКА ВО ТУРЦИЈА ЗА ЕДНА МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ

    КИНЕСКИОТ РИВАЛ НА „ТЕСЛА“, „BYD“, ЌЕ ГРАДИ ФАБРИКА ВО ТУРЦИЈА ЗА ЕДНА МИЛИЈАРДА ДОЛАРИДоговорот беше потпишан на настан во Истанбул, на кој присуствуваше и турскиот претседател Ердоган

    Најголемиот кинески производител на електрични автомобили „BYD“ постигна договор од една милијарда долари за изградба на фабрика во Турција, додека продолжува да ги шири своите операции надвор од земјата. Во новата фабрика ќе се произведуваат 150.000 автомобили годишно, објави новинската агенција „Анадолија“.

    Се очекува фабриката да отвори 5.000 работни места и да почне со масовното производство до крајот на 2026.

    Договорот беше потпишан на настан во Истанбул, на кој присуствуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Ова се случува додека кинеските автокомпании се соочуваат со засилен притисок од Европска Унија и САД. Минатата недела, ЕУ презеде мерки за заштита на европската автоиндустрија, зголемувајќи ги тарифите за кинеските електрични возила.

    Турција е дел од царинската унија на ЕУ, што значи дека автомобилите произведени таму можат да избегнат дополнителни тарифи при извозот во ЕУ.

    „BYD“, која е поддржана од американскиот милијардер Ворен Бафет, е вториот најголем производител на електрични автомобили на светот, зад „Тесла“. На крајот на минатата година, компанијата најави дека ќе гради фабрика во Унгарија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира