ДОЗНАВМЕ ДЕКА ПАТУВАЊЕТО Е ОДЛОЖЕНО НА ДЕН ПРЕД ТРГНУВАЊЕ, ПАРИТЕ ЕДВАЈ ГИ ДОБИВМЕ ПО 2 МЕСЕЦА, ВЕЛАТ ГРАЃАНИ ЗА ИСКУСТВАТА СО АГЕНЦИИ, СЕКОГАШ ЧИТАЈТЕ ГИ ДОГОВОРИТЕ, ВЕЛИ ИНСПЕКТОРАТОТ

    ДОЗНАВМЕ ДЕКА ПАТУВАЊЕТО Е ОДЛОЖЕНО НА ДЕН ПРЕД ТРГНУВАЊЕ, ПАРИТЕ ЕДВАЈ ГИ ДОБИВМЕ ПО 2 МЕСЕЦА, ВЕЛАТ ГРАЃАНИ ЗА ИСКУСТВАТА СО АГЕНЦИИ, СЕКОГАШ ЧИТАЈТЕ ГИ ДОГОВОРИТЕ, ВЕЛИ ИНСПЕКТОРАТОТИнспекторите во 2022 и 2023 издале 24 прекршочни платни налози во вредност од 135,325 денари, а затворени се два објекти. - Плажа во Грција. (Фото: СДК.МК)

    Проблеми со сместувањето, со расипани автобуси, платени, а нереализирани факултативни излети се најчестите проблеми со кои се соочуваат граѓаните при патувања со дел од македонските туристички агенции, покажа анкетата на САКАМДАКАЖАМ.МК преку платформата Пријави проблем.

    Во најголем дел дел од одговорите, граѓаните наведуваат дека имаат позитивни искуства со македонските агенции, но во делот за негативните искуства, велате дека не знаат каде да се обратат во случај на проблеми при патувањето, дека наишле на игнорирање од газдите или вработените во агенциите, а некои и посочуваат дека пријавиле во државните институции, но залудно.

    „Во собата имаше мувла и многу мравки. Се пожалив во агенцијатa и ми рекоа ќе ми ја сменат собата, но од тоа ништо, останавме со мувла. По враќањето, реагирав во агенцијата, но ништо не се случи. Се слушнавме по телефон, вака ќе биде, така ќе биде, ‘ќе ве контактираме’, но ништо од тоа не се случи“, пишува читател.

    „Автобусот прегреа и се запали и чекавме втор автобус пет и пол часа, до 3 часот наутро на страна под патот, бидејќи автобусот беше полн со чад“, вели читател.

    Друго искуство вели: „Само за два дена што бевме сместени, протече таванот од горната соба. На крај, кога требаше да се вратиме за Скопје чекавме 3 саати на веќе договорено место и автобусот нѐ одмина, односно не ни застана. Заборавиле дека дека треба да земат патници од таа вила, а ние на тоа топло 3 саати го чекаме автобусот и тој нѐ одмина… Катастрофа и нормално ‘незаборавен’ одмор во негативна смисла. Втора година патувавме со нив и веќе никогаш. Комуникацијата со агенцијата беше никаква. Кога имаше проблем сопственикот не се јавуваше. Пола ден го баравме по другите вили, се криеше. Да има нула оценка, со нула ќе го оценам. Би сакала да го пријавам“.

    Најпознати туристички места за одмор во Кипар се Аја Напа и Протарас, кои се одалечени околу 50 километри од градот Ларнака. (Фото: СДК.МК)

    Читателка пишува дека патувањето воопшто не се остварило, и никој од агенцијата не ги известил дека е одложено. Случајно, ден пред тргање, се јавиле да прашат дале се тргнува по план. Вработената им рекла: „Па, нема патување“. После два месеца, откако патниците им рекле дека ќе објават во медиуми, си ги повратиле парите.

    Други читатели реагираат дека имале водич, кој бил самиот газда на агенцијата и ништо не знаел од локации и настани.

    „Со минибус патувававме до Торони. Сместувањето ‘хотелско’, со купатило исполнето со мувла, на школката да не седнеш. За мебелот рекоа дека ќе биде стар и само тоа ни беше познато на што и се согласивме. На враќање пак со минибус, при што и имавме оштетување на двата куфера и потопување на истите. Во Скопје преку Државниот инспекторaт за заштита и преку нивна ‘ревносна’ агентка, не сакам ни име да ѝ спомнам,  по едно шест месеци од агенцијата добивме 100 евра обесштетување. Агентката задолжена по предметот, го отвори по шест месеци. По телефон прво ни рече: ‘Тоа е реномирана агенција и како никогаш до сега немале поплаки од клиентите’. Во второто телефонско јавување, (што мене ми беше чудно знаејќи како работат инспекторатите), рече да се нагодиме со агенцијата, демек, нејзе ѝ е улога на медијатор (што знам дека не е така). Видов со кој имам работа, што со агенцијата,  што со агентката на која патем ѝ се брзало да го затвори случајот како завршен, побарав писмено известување за самата постапка, (имав предочени докази) и добив едно смешно известување кое не личеше на ништо. Агентката го раскажала случајот и за добиеното обесштетување во таа висина не се повикала на ниеден член од Законот за заштита на потрошувачите, не личеше дека го правел некој правник, а најмалку со звање инспектор“, кажува граѓанин.

    Друг граѓанин вели дека биле платени 250 евра по човек за факултативни излети, а не виделе ништо.

    „Скоро секогаш автобусот се расипува на долги релации“, „Уплатен аранжман со повисока цена во еден град сместување во хотел со пониска цена во друг град и место да ни вратат пари они бараат доплата“, „Напишано е дека плажата е на 60 метри од хотелот, на лице место излегува дека е најмалку 200 метри. Ветени лежали и пијалок вклучени во ‘ол инклузив’, на барот на плажата не добивме ништо. Игноратски однос од агенцијата“, се дел од одговорите.

    Во најголем дел дел од одговорите, граѓаните наведуваат дека имаат позитивни искуства со македонските агенции, но во делот на негативните искуства, одговориле дека не знаат каде да се обратат во случај на проблеми при патувањето, дека наишле на игнорирање од газдите или вработените во агенциите, а некои и посочуваат дека пријавиле во државните институции, но залудно. (Фото: СДК.МК)

    Од Државната пазарна инспекција (ДПИ) ни рекоа дека во 2022 и 2023 година пристигнати се 73 пријави кои се однесуваат на туристичка дејност, извршени се 245 редовни и вонредни надзори, издадени се 24 прекршочни платни налози во вредност од 135,325 денари, а затворени се два објекти.

    „Поплаките од граѓаните се однесуваат на тоа дека не им бил во целост реализиран аранжманот, затекнале поинакви услови од понудените, не им биле вратени парични средства, им бил преместен аранжманот, а потоа нереализиран итн“, ни рекоа од ДПИ.

    Според Законот за туристичка дејност, надлежности на пазарниот инспекторат се: Вршителот на туристичката дејност е должен исполнувањето на условите од овој закон да ги пријави во Државниот пазарен инспекторат и на градоначалникот на Општината, а во градот Скопје на градоначалникот на Општината на подрачјето на градот Скопје, според местото на седиштето на објектот, односно според местото каде што се даваат туристичките услуги, најмалку осум дена пред почетокот на вршењето на дејноста. Пријавувањето се врши на посебен образец.

    Ако државниот пазарен инспектор, односно овластениот инспектор при вршење на инспекцискиот надзор утврди дека вршителот на туристичката дејност:
    1) врши активности спротивно на одредбите Законот за туристичка дејност;
    2) врши дејност без да е регистриран во трговскиот регистар ;
    3) не склучи договор со корисникот на услугата во која ќе бидат јасно определени условите и начинот на давање на услугите ;
    4) нема лиценца за вршење на туристичка дејност ;
    5) имателот на лиценца “А” при вршењето на својата дејност не ги исполнува условите за добивање лиценца А
    6) имателот на лиценцата “Б” при вршењето на својата дејност не ги исполнува условите за добивање лиценца “Б.
    7) не е регистриран за вршење на туристичка дејност,

    ќе донесе решение за привремена забрана во траење од 30 дена, предвидени се глоби, кои во однос на овие прекршоци се пресметуваат со согласност со Законот за прекршоци.

    „Препорачуваме граѓаните секогаш да потпишуваат договори со туристичките агенции, и пред да ги потпишат договорите внимателно да ги прочитаат“, велат инспекторите.

    Поплаките од граѓаните се однесуваат на тоа дека не им бил во целост реализиран аранжманот, затекнале поинакви услови од понудените, не им биле вратени парични средства, им бил преместен аранжман. (Фото: СДК.МК)

    Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) вели дека за успешна реализација на еден договор, од особена важност е совесното постапување на договорните страни во текот на исполнувањето на нивните обврски.

    Но, кога една од договорните страни ќе се однесува спротивно на начелото на совесност и чесност, нема да го почитува договорот, односно ќе стори повреда врз договорните одредби (нема да ја исполни, нецелосно или неправилно ќе ја исполни својата обврска), во тој случај, на страната која претрпела штета ѝ се предвидува правото да го раскине договорот или право на намалување на цената, а во секој случај оштетената страна има право на надомест на штетата.

    Туристичката агенција (организаторот на патувањето) е должна да склучи договор со патникот, а притоа да му издаде еден примерок во кој јасно ќе бидат определени и наведени видот, условите и начинот на давање на услугите.

    Покрај договорот, туристичката агенција треба да му издаде на патникот фискална сметка, програма за патување, потврда за патувањето и туристички ваучер.

    Организаторот на патувањето има право да ја зголеми цената најмногу во износ од 10 % (десет проценти), само под услов ако тоа е предвидено во потврдата за патувањето. Доколку цената се зголеми повеќе од 10 % (десет проценти), потрошувачот има право да го раскине договорот без обврска да ја надомести штетата или да плаќа казнени пенали.

    Туристичката агенција не смее да ја зголеми цената утврдена во договорот 20 (дваесет) дена пред договорениот ден за започнување со користењето на туристичките услуги.

    Сите жалби и поплаки за услугите во текот на патувањето и престојот патникот треба да ги упати до претставникот на агенцијата или доколку нема претставник, до локалниот давател на услугата (сопственик на хотел, апартман, возач на автобус итн…). Доколку овие лица не му излезат пресрет на патникот, тој треба да ја контактира агенцијата која е организатор на патувањето.

    Задолжително е патникот да ја извести агенцијата кога ќе дознае дека нешто не е во ред, затоа што подоцна нема да може да добие намалување на цената, доколку се утврди дека патникот можел да ја извести агенцијата, а таа со својата интервенција би можела да обезбеди исправна услуга.

    Доколку проблемот не е решен во текот на патувањето, патникот има право да поднесе писмен приговор до агенцијата во рок од 8 дена по враќањето од патувањето, во кој треба да објасни што се случило и да побара намалување на цената.

    Плажа на Кипар. (Фото: СДК.МК)

    Покрај правото на патникот да бара да му се вратат парите за дел од услугите кои не се извршени, тој може да бара и надомест  на материјална и нематеријална штета, доколку докаже дека штетата навистина настанала поради пропусти на агенцијата.

    За докажување на причинетата штета, покрај потпишаната потврда за недостатокот за време на патувањето (доколку е пропишано со општите услови на агенцијата), со приговорот треба да се достават сметки за платени трошоци и други докази што патникот ги имал, како на пример: фотографии, сведочења итн.

    „Доколку агенцијата (организаторот на патувањето) го одбие приговорот на патникот, тој може да поднесе претставка/поплака до Државниот пазарен инспекторат или да покрене судска постапка“, велат од ОПМ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира