ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАСАМИ ВОВЕДЕ ЗАБРАНА ЗА ПАРКИРАЊЕ ВОЗИЛА НА ДВА ТЕТОВСКИ БУЛЕВАРИ

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАСАМИ ВОВЕДЕ ЗАБРАНА ЗА ПАРКИРАЊЕ ВОЗИЛА НА ДВА ТЕТОВСКИ БУЛЕВАРИОпштина Тетово и порано имаше идеја за ваква регулација на сообраќајот, односно за забрана на паркирање на булеварите во градот, но оваа иницијатива не наидуваше на одобрување од тогашното раководство на СВР Тетово. (Фото: СДК.МК)

    За помалку од три часа, од тетовските булевари, пајак службата подигна 16 автомобили кои тука биле паркирани. Со ова од денес па се до 15 август на тетовските булевари „Илинденска“ и „Благоја Тоска“ почнува ригорозно да се спроведува забраната за паркирање на автомобили во периодот од 7 до 21 часот. Ова е направено за да се намали сообраќајниот метеж на овие булевари кој настанува од паркираните автомобили кои најчесто се паркираат и во двојни редови. Ваквиот начин на паркирање во голема мера го отежнуваше движењето на возилата бидејќи сообраќајот се одвиваше само по една сообраќајна лента.

    „Вчера заедно со Секторот за внатрешни работи на Тетово донесовме одлука од денес до 15 август оваа година, булеварите во Тетово да бидат ослободени од паркирани автомобили и така да се овозможи подобро движење на возилата. Според договореното, до 7 часот па до 21 часот нема да се дозволи паркирање на булеварите, а после 21 часот автомобилите ќе може да се паркираат и тоа без надоместок за паркирање, се до 7 часот изутрината наредниот ден. Сега, со новото раководство на СВР Тетово сме во блиска комуникација за правилно регулирање на сообраќајот“, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами кој денеска на булеварот „Илинденска“ ја промовира оваа акција.

    Општина Тетово и порано имаше идеја за ваква регулација на сообраќајот, односно за забрана на паркирање на булеварите во градот, но оваа иницијатива не наидуваше на одобрување од тогашното раководство на СВР Тетово. Откако неодамна на тетовската полиција беше назначен нов началник, експресно дојде до спроведување на оваа мерка.

    Но, ваквата регулација на сообраќајот наидува на негодување од тетовци бидејќи и онака малиот број паркинг места сега уште повеќе се намалува. Сега во овие летни месеци кога бројот на возилата во градот уште повеќе се зголемува со доаѓањето на нашите сонародници кои живеат и работат во странство, да се најде слободно паркинг место е навистина тешка работа.

    „Револтот кај граѓаните е голем. И јас каде живеам нема обезбедено паркинг, а пајакот вчера проаѓаше и ги собираше возилата. Мислам дека првин треба да се обезбедат паркинг места па потоа вака да се спроведуваат вакви активности. Ова е краткотрајна мерка, видов пишува дека ќе трае еден месец, и после што повторно ќе се паркираат на улиците“

    „Не знам зошто тоа го направија? Мислат дека така ќе го ослободат сообраќајот“

    „Не знам што да кажам. Многу ненадејно беше донесена таа одлука“

    Ова се дел од реакциите на тетовци. Градоначалникот Касами пак донесувањето на оваа одлука ја правдаше со тоа што вели дека на овој начин навистина ќе се согледаат вистинските потреби колку нови паркинзи му се потребни на градот.

    „За да видиме колку паркинг места ни требаат на секоја улица и во било кој дел од градот, ние мора да ги спречиме луѓето да ги паркираат автомобилите каде што сакаат. За да знаеме реално колку паркинзи ни требаат ние треба да ги тргнеме возилата од улиците. Граѓаните можат да реагираат во Општина Тетово и ние редовно ќе комуницираме со нив за да видиме каде ни требаат дополнителни паркинг места и тоа ќе го решаваме перманентно“, објаснува Касами.

    Со одлука на Општина Тетово, во летниот период се намали и периодот во кој се наплаќа паркирањето на возилата. Така наместо од 7 до 23 часот, сега паркирањето ќе се наплаќа до 21 часот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира