ПОВРШИНСКАТА ВОДА ВО ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ Е ИСПРАВНА И МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТИ ЗА КАПЕЊЕ, ПОКАЖАА АНАЛИЗИТЕ ОД ДВЕ ЛАБОРАТОРИИ

    ПОВРШИНСКАТА ВОДА ВО ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ Е ИСПРАВНА И МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТИ ЗА КАПЕЊЕ, ПОКАЖАА АНАЛИЗИТЕ ОД ДВЕ ЛАБОРАТОРИИБидејќи по површината на езерото плива материја која дава лош изглед, таа ги одвраќа капачите па, езерото годинава нема посетители преку ден. (Фото: СДК.МК)

    Резултатите од анализата на водата на Eзерото Младост во Велес покажуваат дека е исправна и дека може да се користи за капење и рекреација, освен една плажа. Општина Велес попладнево ги објави резултатите од испитувањата на површинските води кои ги извршија две лаборатории, независно една од друга, и тоа: акредитираната лабoраторија „Фуд лаб“ од Скопје која ја испитувала водата на четири плажи, и Центарот за јавно здравје Велес (ЦЈЗ) за две плажи.

    „Фуд лаб“ примероците на вода за испитување ги земалa на 11 јули. Единствено кај површинската вода на Бела Вода, според микробиолошките индикатори, регистрирано е присуство на цревни ентероколити и ешерихија коли со вредности кои ги надминуваат границите за добра вода, додека за хемиска анализа покажала дека е во прва класа, како и останатите води од трите други плажи. Брод „Панини“, Градска плажа и плажата „Романтик“ имаат идентични резултати, водата според хемиската анализа е во прва класа, а микробиолошката анализа покажала дека  водата e одлична. „Фуд лаб“ ја анализирала водата и во долниот тек на реката Бабуна и резултатите покажале дека според хемиска анализа е во прва класа, а по микробиолошка анализа водата е добра.

    Центарот за јавно здравје Велес ја испитувал водата од две плажи, плажата „Романтик“ и Градска плажа каде испитувањата покажале дека водата е микробиолошка одлична, а според физичко-хемиските својства, може да се користи за капење и рекреација. Примероците биле земени на 28 јуни.

    ЈВП Лисиче, како концесионер на водата, побара од Хидробиолошкиот завод од Охрид да изврши анализа на водата од акумулацијата, на различни нивоа, површинска, при дното и во средината, каков е квалитетот. Резултатите треба да стигнат во текот на неделава. Бидејќи по површината на езерото плива материја која дава лош изглед, таа ги одвраќа капачите, па езерото годинава нема посетители преку ден. Доаѓаат навечер, бегајќи од градската жега и минувајќи го времето на летниковците.

    Д-р Снежана Петрова од Центарот за јавно здравје уште пред еден месец кажа дека материјата која плива по езерото  не е опасна и штетна, освен што е грда слика и треба да се отстрани.

    „Тоа се отпадоци од алгите, од трските. Езерото Младост не е природно езеро  и не се самопрочистува, тоа е акумулација. Треба човечкиот фактор да помогне, со чистење на крајбрежјето во водениот појас,  така ќе се ослободи површината на  езерото. Не се фекалии, тоа се органски материи остатоци од алгите, трските, нивниот цвет. Човекот треба да помогне со нивно отстранување“, д-р Петрова.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира