Во Охрид се разви права кавга за мртовците помеѓу претставници на ЈП „Градски гробишта“ и погребалното претпријатие „Мирен сон“. Се спорат околу прашањата какви се хигиенските услови во гробиштата, загревањето на градската капела, но посебно за односот со починатите лица.
“Вршеле самоволие, тоа е документирано, вработените дошле во кругот на јавното претпријатие, од самата комора земале починато лице, без наше одобрение и по наша интервенција во надлежните институции, покојното лице е вратено назад во капелата“, вели Зоран Симоноски,директор на „Градски гробишта”-Охрид.
Тој вели дека е испратен допис до СВР. Во одреден период до 2013 година биле најдени нефактурирани услуги за 73 починати лица, кои биле блиски на тамошните вработени во тој период заедно со операторот „Мирен сон”. Јавното претпријатие е оштетено со околу 200.000 денари и е покрената судска постапка“, вели Симоновски и открива дека последните две до три недели имало голем број поплаки на граѓани.
„Дојдовме до шокантни сознанија. Починати лица кои се земени од болница, има записник за превземање на лицето од болница, изјава на синот на починатата дека таа ќе биде донесена тука во комора, а таа не е донесена. Еве сметка од истиот оператор кој наплаќа сметка од комора и услуга транспорт до комора. Вакви имаме многу пријави, со тоа се оштетува јавното претпријатие, но во голема мера ги краде граѓаните“, обвинуваат од ЈП „Градски гробишта“.
Од таму ги повикуваат СВР, Санитарниот инспекторат и Комуналниот инспекторат да испитаат како работи приватниот погребален оператор.
Од “Мирен сон” велат дека наместо од ” ЈП Градски Гробишта” да имаат доблест и да ги решат проблемите на граѓаните на Охрид со кои секојдневно се среќаваат и заради кои реагираат, тие свикуваат прес конференција на која обвинуваат со цел да се нанесе штета на авторитетот и реномето на претпријатието.
„Сите изнесени изјави на ЈП „Градски гробишта” се невистинити и ние во целост ги демантираме“, велат од „Мирен сон“.
Помеѓу ЈП ”Градски гробишта” и „Мирен сон се води судски спор.
„Граѓаните добро знаат дали има и дали е потребно греење во капелата кога мрзнат во периодот кога ги испраќаат своите најмили, дали им се потребни тоалети во гробиштата и какви се условите во делот за муслимански верски обред“, одговараат од „Мирен сон“, на обвинувањата од јавното претпријатие.
Д. Чубриќ