Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска добила дипломатски пасош од Министерството за надворешни работи (МНР), а останатите 6 членови доставиле барање, но уште чекаат на одговор. Членови на ДКСК се судијката во Основниот суд Софија Спасова-Медарска, двајцата досегашни советници во ДКСК Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи и ревизорите Зоран Богоевски, Цвета Ристовска и Демири Сервет.
Ниту еден член од минатиот состав на Антикорупциската комисија немаше дипломатски пасош, одговори за САКАМДАКАЖАМ.МК експретседателката Билјана Ивановска.
Претседателката Димитровска синоќа во интервју за ТВ 24 кажа дека сè уште нема одговор од МНР за барањата за дипломатски пасош за нејзините колеги.
„Побарани се дипломатски пасоши за членовите на Комисијата, обезбеден е само за мене како нејзин претседател. За другите членови нема ни одговор дали ќе има дипломатски пасош. Легитимно право е на секој член да си побара, има институција која ќе цени дали им следува“, рече претседателката Димитровска, која со новиот состав на ДКСК стапи на функцијата на 8 февруари.
На прашањето дали им следува, таа одговори потврдно.
„Да, ни следува, по основа на функционер избран од Парламентот. Пасошот не е побаран за злоупотреба за приватни цели, туку затоа што сме често поканети и на настани во други држави“, рече Димитровска.
Функционерите со дипломатски пасош не чекаат во редици на граничните премини, туку поминуваат веднаш од посебен влез.
С. К. ДЕЛЕВСКА