Пожарите на планината Серта, по двонеделна борба и од воздух и од земја, се ставени под контрола, рече директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојначе Ангелов, по денешниот последен увид на самото место.
„Опожарените локации од каде на некои места уште има чад будно се следат, оти добро знаеме дека тивките пожари знаат ненадејно и брзо да се разбудат. Сега немаме активни пожари. Тоа се однесува и за двата крака на планината Серта, првиот кај штипското село Пухче кон селото Селце и вториот кај воениот полигон Криволак во насока кон реката Брегалница“, рече Ангелов.
Под контрола е и пожарот во атарот на Русиново во Берово и кај Суви Лаки и пожарот кај селото Калањево, Неготинско. Вкупно изгаснати се 16 пожари и според она што Ангевлов го видел на Серта, во најголем дел е изгорена сува трева, 90 проценти, потоа грмушки, трње, нискостеблести растенија и во сосема мал процент боровозимзелена шума.
Т. ЈОВАНОВСКИ