Француските истражители пронашле запаливи уреди при истрагата за големото нарушување на железничкиот сообраќај низ земјата пред вечерашното отворање на Олимписките игри во Париз. Државниот оператор на железницата СНЦФ соопшти дека во инцидентите се оштетени сигнални кутии долж пругите кои го поврзуваат Париз со Лил на северот, Бордо на западот и Стразбург на истокот, додека дополнително беше кажано дека во мај бил спречен напад на линијата Парис-Марсеј.
Францускиот министер за транспорт Патрис Вергрет не сакаше да каже кој би можел да стои зад саботажите, за кои досега никој не презеде одговорност. Тој ги опиша нападите како криминални чинови и кажа дека безбедносните сили се на висок степен на готовност.
Два извора од безбедносните служби кажаа дека начинот на кој биле изведени нападите укажува на левичарски милитанти или на еколошки активисти, но засега не се пронајдени докази за тоа. Шефот на СНЦФ Жан-Пјер Фаранду изјави дека инцидентите погодиле околу 800.000 патници во пресрет на викендот.
„Овие напади не се случајност, тоа е обид да се дестабилизира Франција“, кажа Фаранду.
Тој додаде дека тимовите на СНЦФ се масовно мобилизирани од утрово заради поправките, што овозможи постепена и делумна обнова на сообраќајот. Сепак, на некои линии има одложувања од најмногу два часа, а некои услуги се целосно откажани.
„Поправките продолжуваат, но сообраќајот ќе биде нарушен и за време на викендот“, кажа Фаранду.