ГРАЃАНСКИОТ СУД СКОПЈЕ ГИ ПРОГЛАСИ ЗА ВИНОВНИ ВЛАДАТА И ОПШТИНИТЕ БИТОЛА И ШТИП ЗА СЕГРЕГАЦИЈА НА ДЕЦАТА-РОМИ УШТЕ ПРИ УПИС ВО УЧИЛИШТЕ

ГРАЃАНСКИОТ СУД СКОПЈЕ ГИ ПРОГЛАСИ ЗА ВИНОВНИ ВЛАДАТА И ОПШТИНИТЕ БИТОЛА И ШТИП ЗА СЕГРЕГАЦИЈА НА ДЕЦАТА-РОМИ УШТЕ ПРИ УПИС ВО УЧИЛИШТЕСудот ги задолжил сите тужени органи да ги преземат сите потребни дејствија за десегрегација на децата Роми во образовниот систем и да ги преземат сите дејствија за рекатегоризација на децата Роми кои учат во специјалните училишта. (Фото: СДК.МК)

Основниот граѓански суд во Скопје со судска пресуда утврди дека Владата, Министерство за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Државниот просветен инспекторат, Општина Битола и Општина Штип, сториле дискриминација врз децата – Роми во образовниот процес.

Од сите доставени докази од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права како тужител, Судот утврди дека во конкретниот случај била сторена сегрегација на децата Роми во образовниот процес, на начинот на којшто биле формирани паралелките во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола и ООУ „Гоце Делчев“ во Штип, како и со несоодветно упатување на децата Роми во образовни установи кои се наменети за ученици со интелектуална попреченост.

Судот утврди дека осудените дискриминацијата (сегрегацијата) на децата-Роми, ја сториле на следниов начин: Владата, МОН, Општина Битола и Општина Штип не презеле, односно пропуштиле да преземата активности за уредување на начинот на реонизација, со цел избегнување на можна сегрегација оли тргање на ромските деца од врсниците од македонска и останата националност.

„Владата, МОН, ДПИ, Општина Битола и Општина Штип со непреземање, односно, пропуштање да преземат активности за рамномерно и соодветно распоредување на учениците Роми со другите етнички заедници во паралелките; не презеле односно пропуштиле да преземат активности за процес на десегрегација во училиштата каде постојат сегрегирани паралелки со деца Роми; не презеле односно пропуштиле да преземат активности за санкционирање на актите на дискриминација сторени од основните училишта.

Владата, МОН, МТСП и МЗ со непреземање, односно, пропуштање да преземат дејствија за носење законски и подзаконски акти за детално уредување на начинот на категоризација на децата со посебни потреби, посебно децата Роми; не презеле, односно, пропуштиле да преземат дејствија за носење законски и подзаконски акти за детално уредување на составот на Комисиите и процедурата за ревидирање на нивните одлуки; не презеле, односно, пропуштиле да преземат дејствија за рекатегоризација на несоодветно категоризираните деца Роми кои учат во специјалните училишта“, цитира Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи делови од пресудата на Граѓанскиот суд.

Натаму, овие 7 институции пропуштиле и да преземат дејства за едукација на сите фактори во образовниот систем и родителите на децата, со цел полесно препознавање и борба против актите на дискриминација.

Судот ги задолжил сите тужени органи да ги преземат сите потребни дејствија за десегрегација на децата Роми во образовниот систем и да ги преземат сите дејствија за рекатегоризација на децата Роми кои учат во специјалните училишта.

Дополнително, Судот ги задолжи тужените да ја објават во медиумите изреката на оваа пресуда, во пристапен формат, во рок од 15 дена по приемот на пресудата.

Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку адвокат Павлина Зефиќ, на 1 февруари 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis).

С. К. ДЕЛЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира