Синоќа во скопската населба Ѓорче Петров е запалена колата на Драги Митковски, соработник на скопската градоначалничка Данела Арсовска. Митковски на парламентарни избори во мај беше носител на листа во Втората изборна единица од партијата на Арсовска Нова алтернатива.
„На 09.08.2024 во 03.05 часот од Бригадата за противпожарна заштита – Скопје во СВР Скопје е пријавено дека на територија на Општина Ѓорче Петров било опожарено патничко моторно возило ‘мерцедес а класа’ со скопски регистерски таблички, сопственост на правно лице од Скопје. Од пожарот зафатени се и патничко моторно возило ‘хјундаи’ и ‘сузуки свифт’ во делот на браниците и ретровизор. Се преземаат мерки за расчистување на случајот”, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според партиски извори, во периодов по изборите Арсовска и Митковски по кавга ги заладиле односите. На таа кавга се должи и серијата разрешувања на директори на 3 јавни претпријатија изминатава недла, кои биле приврзаници на Митковски. Арсовска ги разреши директорите на ЈП „Водовод и канализација“ Виктор Панчевски, на „Градски паркинг” Михаил Петревски и на „Комунална хигиена“ Гоце Трајковски.
А. АНТЕВСКА