Од Коалицијата Вреди велат дека претседателот на Собранието Африм Гаши на 1 август го пратил шефот на неговото обезбедување на Скопскиот аеродром „чисто информативно“, да види што се случува со косовската претседателка Вјоса Османи кога аеродромското обезбедување не ѝ дозволило да се качи на комерцијален лет без да ѝ биде поминат личниот багаж и телефонот на скенер. Како што кажа портпаролот на Вреди, Фари Хисени, тој не бил таму да прави да прави немири или да се меша во ингеренциите на аеродромот, туку само да види што се случува.
За Гаши, Хисени рече дека е втор човек во државата и како таков има право да го прати неговото обезбедување на аеродромот за „соседна држава како Република Косово“.
„Претседателот на Собранието во конкретнот случај не предизивкал немири во аеродромот со претседателката на Косово, туку по нејзино барање се упатил шефот на обезбедувањето на Гаши до аеродромот за да види, затоа што стигнало директно јавување кон претседателот на Собранието Гаши. Не со иницијатива, не со поттик да се отиде, да се направи некој немир или да се постапи противзаконто. Гаши по барање на претседател на соседна држава пратил негово обезбедување чисто да види каква е ситуацијата и што се случува. Има право како втор човек на држава за соседна држава како Република Косово да прати негово обезбедување да види што се случува. Он не води таму истрага, он не води таму кавги со вработените, туку чисто да земе информации што е проблемот со можниот скандал. На вториот човек на државата му припаѓа тоа како можност. Праќање негово обезбедување да види што се случува информативно и мешање во ингеренциите на аеродромот не е исто“, кажа Хисени денеска на прес-конференција.
Против шефот на обезбедувањето на Гаши, МВР на 5 август поднесе кривична пријава за кривичните дела „Загрозување на сигурноста“ по член 144 од Кривичнот законик и „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ по член 382 од КЗ, во врска со инцидентот на Скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи. Шефот на обезбедувањето на Гаши, кој е полицаец, со репетиран пиштол кон свој колега се обидел да го разреши случајот, кога на 1 август аеродромското обезбедување на Скопскиот аеродром не ѝ дозволило на косовската претседателка Вјоса Османи да се качи на комерцијален лет без да ѝ биде поминат личниот багаж и телефонот на скенер.
„Пријавениот С. С. на ден 01.08.2024 околу 10:30 часот на Меѓународен Аеродром Скопје на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од станицата на Аеродромот Скопје кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на неговите службени дејствија“, соопшти МВР.