Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против Љупчо Палевски – Палчо за грабнување и убиства на две лица. Палевски е првоосомничен за убиствата и грабнувањата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски. Против другите четворица осомничени, вклучувајќи го и таткото на Вања, веќе е поднесено обвинение и следниот месец треба да почне судењето против петмината.
Како што соопшти обвинителството, Палевски е обвинет за едно кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 и точка 7 во врска со член 22 од Кривичниот законик и едно кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 и точка 4 во врска со член 22 од Кривичниот законик и двете казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик, за што е предвидена казна од 10 години до доживотен затвор.
Тој е обвинет и за едно кривично дело – Грабнување од член 141 став 2 во врска со став 1 во врска со со член 22 од Кривичниот законик и едно кривично дело – Грабнување од член 141 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Според обвинението, петмината обвинети заедно испланирале грабнување на 14-годишното дете Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
„На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило ‘Цитроен’ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано ‘Рудник’ во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри. На 27.11.2023, обвинетите, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата ‘Наум Наумовски Борче’ во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото викано ‘Дупки’, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице“, се вели во соопштението на обвинителството.
Обвинителниот акт содржи предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
Палевски по убиствата кусо беше во бегство во Турција, каде што беше уапсен и потоа екстрадиран во Македонија на 15 мај. Оттогаш е во притвор во затворот во Шутка.