Владимир Путин изјави дека руската војска ќе ги исфрли украинските трупи од руската територија откако тие го извршија најголемиот прекуграничен упад од почетокот на војната пред две и пол години.
Илјадници украински војници упаднаа во рускиот регион Курск минатиот вторник и тамошниот гувернер Алексеј Смирнов изјави дека тие сега контролираат 28 села.
„Тие се навлезени 12 километри во регионот, а линијата на фронтот е широка 40 километри“, изјави Смирнов, додавајќи дека околу 2.000 цивили се останати во областите окупирани од Украинците.
Тој кажа дека досега се евакуирани 121.000 луѓе, а уште 59.000 можеби ќе мора да си заминат од своите домови. Додаде дека досега загинале најмалку 12 цивили.
„Драматично се зголемуваат загубите за вооружените сили на Украина, особено меѓу нивните најспособни единици кои се испратени преку границата. Непријателот несомнено ќе добие одговор каков што заслужува и нема сомнение дека ги оствариме нашите цели. Главната задача на министерството за одбрана е да го избрка непријателот од нашата земја“, кажа Путин.
Според него, главната мотивација на Украина за оваа офанзива е да ја подобри својата преговарачка позиција со помош на западните господари.
„Украина се обидува да го застраши руското општество и да ја поткопа стабилноста“, рече Путин.
Володимир Зеленски вчера првпат призна дека украинската војска спроведува офанзива во Курск, велејќи дека војната се префрла во Русија. Тој кажа дека Русија оваа лето извела 2.000 напади од Курск и затоа заслужува одговор.