РАЗРЕШЕН И ДИРЕКТОРОТ НА „ДРИСЛА“ АЛЕКСАНДАР КУЗИНАКОВ, АРСОВСКА ГИ ОБВИНИ ДИРЕКТОРИТЕ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ

    РАЗРЕШЕН И ДИРЕКТОРОТ НА „ДРИСЛА“ АЛЕКСАНДАР КУЗИНАКОВ, АРСОВСКА ГИ ОБВИНИ ДИРЕКТОРИТЕ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИКузинаков, кој на функцијата е од септември 2022, е разрешен поради неправилности при работењето и непочитувањето на договорот за вработување, вели Град Скопје.(Фото: К. Попов)

    Градоначалничката Данела Арсовска денеска разреши уште еден директор, Александар Кузинаков од ЈП „Дрисла“. Како што соопштија од Град Скопје Кузинаков, кој на функцијата е од септември 2022, е разрешен поради неправилности при работењето и непочитувањето на договорот за вработување.

    „За неговото работење до Градот Скопје пристигнати се бројни пријави со индиции за злоупотреба и пречекорување на овластувањата за што Градот Скопје веќе најави ад хок ревизија. Справувањето со корупцијата и самоволието во градот Скопје беше и едно од главните предизборни ветување на градоначалничката Данела Арсовска. Никој не смее да си поигрува со народните пари, а уште помалку со довербата на граѓаните на градот Скопје“, стои во соопштението од Град Скопје.

    Арсовска поради направилности и злоупотреба на функцијата денеска го разреши и директорот на „Паркови и зеленило“ Мартин Ангеловски, кој на функцијата стапи пред месец и пол, а најави и дека ќе спроведе вонредна ревизија во сите јавни претпријатија.

    Mинатата недела градоначалничката ги разреши директорите на ЈП „Водовод и канализација“ Виктор Панчевски, на „Градски паркинг” Михаил Петревски и на „Комунална хигиена“ Гоце Трајковски.

    Ангеловски, како и Панчевски, Петревски и Трајковски, важат за блиски со Драги Митковски-Книга кој, како што велат партиски извори, веќе не е соработник на Арсовска. Митковски беше многу близок соработник на скопската градоначалничка. Тој на парламентарните избори во мај беше носител на листа во Втората изборна единица од партијата на Арсовска Нова алтернатива. На 9 август беше запален службениот автомобил на Митковски пред неговиот дом во скопската населба Ѓорче Петров.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира