На 45-годишнината од филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, на Широк Сокак ќе се направи патека на славните, на која, по примерот на Холивуд, ќе се ставаат ѕвезди за познатите кинематографери, добитници на наградите за животно дело на фестивалот во Битола. Директорот на фестивалот Мони Дамевски деновиве имаше излагање на Комисијата за комунални дејности во Општина Битола, барајќи дозвола да се стават месингени плочи со ѕвезди и изгравирани имиња на славните сниматели. Комисијата едногласно даде согласност.
„Предлагам Битола да направи нешто што никој во светот го нема. Во Холивуд има патека со ѕвезди за глумци, режисери, продуценти. Никаде во светот нема патека со ѕвезди за славните кинематографери. Ние направивме еден нацрт на Широк Сокак, десно од Центарот за култура кон Музејот, на гранитните плочки кои веќе постојат, да се стават месингени плочи со изгравирани имиња на добитниците на наградата за животно дело“, рече Дамевски.
Шестмина од лауреатите веќе потврдиле дека ќе дојдат за годинашниот фестивал „Браќа Манаки“, а голема е веројатноста да присуствуваат уште четворица. Во Битола доаѓа и американско-полскиот кименатографер Јануш Камински, партнер на водечкиот американски режисер Стивен Спилберг, кој ќе ја открие својата ѕвезда.
„Сакаме за време на фестивалот да ги откриеме ѕвездите, ќе направиме црвен тепих, ќе поставиме камера, па планираме тие да снимаат една минута: Битола видена низ очите на најголемите мајстори. Сакаме Битола да ја направиме филмски центар во светот. Имаме спонзори кои ќе ги направат и постават ѕвездите на нивни трошок“, рече Дамевски.
Две од ѕвездите ќе бидат посветени на браќата Манаки. Милтон ја доби постхумно Наградата за животно дело во 1996, но на патеката ќе има ѕвезди за двајцата. Воедно, доколку догодина го реизберат за прв човек на фестивалот, Дамевски рече дека ќе се потруди до споменикот на Милтон Манаки пред Центарот за култура да се додаде и статуетка на Јанаки.
Тој рече дека мора да се развива фестивалот зашто пред две години Грците направиле фестивал „Манакија“ во родното место на браќата, кој ќе почне да се финансира и постои опасност да го преземат приматот. Годинава, и логото на фестивалот во Битола ќе биде „Манаки е еден“.
Фестивалот во Битола е прв и најстар фестивал посветен на кинематограферите и втор ваков по големина во светот, зад оној во Полска. Годинава се очекува да допатуваат многумина познати сниматели, добитници на награди во Холивуд, Кан, Венеција, Берлин. Доаѓаат и сниматели на некои од најголемите серии на „Нетфликс“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА