Припадници на српската Специјална антитерористичка единица го убија членот на вахабистичкото движење на Санџак, Сенад Рамовиќ-Бецан. Според српските медиуми, тој бил ликвидиран при обид за апсење на територијата на Нови Пазар. Рамовиќ наводно одбил да се предаде и пукал кон српските специјалци.
Рамовиќ беше во бегство од јуни годинава, кога припадник на ова движење со самострел рани полицаец пред амбасадата на Израел во Белград. По овој инцидент, полицијата изврши претрес и во станот на Рамовиќ, каде што биле пронајдени оружје и знаме на Исламска држава. Се веруваше дека тој по овој напад избегал во Косово, каде што имал соработници.
Сенад Рамовиќ беше осуден на 13 и пол години затвор за тероризам, при што голем дел од казната поминал во изолација, објави „Н1“. Тој беше уапсен со 14-мина соработници по вооружена престрелка со полицијата близу Нови Пазар во 2007. Беше обвинет и дека планирал да го убие тогашниот муфтија Муамер Зукорлиќ. По излегувањето од затвор, Рамовиќ важел за водач на вахабиите во Санџак.