Сѐ уште не е формирано тело кое треба да ја контролира работата на високообразовните институции во земјава, но побаран е увид од просветните инспектори, кажа денеска во Кавадарци министерката за образование и наука Весна Јаневска.
На 30 јули Владата го задолжи Министерството за образование и наука (МОН) за формирање на Национално координативно тело за реформи во високото образование, наука истражување и развој чија задача ќе биде анализа на високото образование, и работата на високо научните институции со цел да се воспоставува ред и законито работење.
„Комисијата е сѐ уште во формирање, но секторите во Министерството работат. Ние побаравме од Државниот просветен инспекторат (ДПИ) да направи увид во неколку универзитети, направивме силни напори да овозможиме годинава неколку евалуации на неколку универзитети. Сѐ е тоа во процедура, но тој процес е тргнат и нема да запре. Ќе заврши така како што треба заврши, се разбира по закон“, кажа Јаневска, по увидот во активностите за реконструкција на Основното училиште „Тошо Велков-Пепето“ во Кавадарци.
Одборот за акредитација на високото образование на 17 јуни донесе Одлука за поништување на акредитацијата на проектот за основање на Факултет за здравствени науки на приватната високообразовна установа Меѓународниот Универзитет во Струга, зад која стори струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
„Со оваа Одлука на Одборот за акредитација на високото образование се поништуваат и сите други правни дејства во врска со почеток со работа на Факултетот за здравствени науки на приватната високообразовна установа Меѓународниот Универзитет во Струга“, соопшти тогаш Одборот.
Решение за основање на овој факултет на 11 јуни донесе министерот за образование и наука во заминување е Јетон Шаќири, кој по потекло исто така е од Струга и е сопартиец со Мерко во ДУИ.
Б. НЕСТОРОСКА