Рускиот претседател Владимир Путин вчера дојде во непланирана посета на Чеченија, главно муслиманска република во Руската Федерација, што е негова прва посета по речиси 13 години, додека неверојатниот прекуграничен упад на Украина во западна Русија влезе во третата недела. Путин беше пречекан од самонаречениот лидер на Чеченија Рамзан Кадиров, пред да ја посети академијата за специјални сили што го носи неговото име и да разговара со борците волонтери кои тренираат таму пред да бидат распоредени во Украина.
Според извештаите на руските државни агенции, Путин ги пофали волонтерите и рече дека се додека Русија има мажи како нив ќе биде „непобедлива“.
Кадиров во објавата на неговите официјални канали на Телеграм рече дека повеќе од 47.000 борци, вклучително и доброволци, тренирале во објектот откако Москва ја започна, како што ја нарекува, својата „специјална воена операција“ во Украина.
Борците од Чеченија, чии обиди за независност по распадот на Советскиот Сојуз доведоа до долгогодишна војна со руските владини сили, учествуваат на двете страни во конфликтот во Украина. Проукраинските доброволци лојални на Џохар Дудаев, покојниот чеченски лидер за независност, се заколнати непријатели на чеченските сили кои ги поддржуваат Путин и Кадиров. Овие чеченски сили на Кадиров ѝ се придружија на Русија во повеќемесечната опсада на клучното украинско пристаниште Мариупол и други точки на напад на југот и на истокот на земјата.