ПРЕСТРЕЛКА ВО ТЕТОВСКО ГАЈРЕ, ПОЛИЦИЈАТА ЗАСТРЕЛА ЛИЦЕ БАРАНО СО ПОТЕРНИЦА ЗА УБИСТВО

    ПРЕСТРЕЛКА ВО ТЕТОВСКО ГАЈРЕ, ПОЛИЦИЈАТА ЗАСТРЕЛА ЛИЦЕ БАРАНО СО ПОТЕРНИЦА ЗА УБИСТВООвој инцидент се поврзува со распишаната потерница по убиство кое се случи на 5 јули оваа година во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Едно лице е застрелано во полициска акција која ноќеска се одвивала во тетовското село Гајре. Полицијата требала да приведе лице кое било барано со потерница, а било осомничено во истрага за убиство. При обидот да го уапси, осомничениот пукал со огнено оружје кон полициските службеници на што полицијата возвратила со оган и го ранила.

    Ранетиот бил префрлен во Клиничката болница во Тетово, но на пат кон болницата починал.

    „На 23.08.2024 околу 22 часот полициски службеници од СВР Тетово и Одделот за специјални полициски операции, по претходно добиени оперативни сознанија дека Л.М. (41) од с. Гајре, тетовско, кој е осомничен за кривично дело убиство на 05.07.2024, а бил баран и поради бегство од Психијатриската болница Бардовци, се наоѓа во с. Гајре, преземале мерки и активности за лишување од слобода на лицето. По претходно обезбедени наредби за претрес во три куќи во Гајре, при преземање мерки за претрес на куќа сопственост на З.М., затекнат е Л.М., кој бил вооружен со автоматска пушка и пружил отпор и не постапил по дадените наредби на полициските службеници, туку автоматската пушка ја репетирал и вперил кон полициските службеници, по што било пукано од страна на полициските службеници. Откако Л.М. бил неутрализиран, побарана е медицинска помош од Итна медицинска помош, а известен е и јавен обвинител. Кај Л.М. бил пронајден и пиштол и рамки за автоматска пушка и куршуми.  Околу 22.50 часот Л.М. починал, а смртта ја констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото на настанот извршија полициски екипи, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е пренесено во одделот за судска медицина во Клиничка болница Тетово за обдукција“, се вели во соопштението испратено од СВР Тетово.

    Овој инцидент се поврзува со распишаната потерница по убиство кое се случи на 5 јули оваа година кога во Тетово, на улица Штипска беше застрелан 40 годишниот Р.Т додека се наоѓал во својот автомобил. Полицијата се сомневала дека извршител на ова убиство е лицето кое ноќеска е застрелано во село Гајре.

    Ова убиство пак се поврзува со продолжување на стара пресметка помеѓу две групи кои претходно имаа оружена пресметка и пред тетовската болница во која едно лице беше убиено, а второто беше тешко рането.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира