„Страста за богатство и моќ денес го достигнува врвот на својата смртоносна логика: го уништува светот, го уништува човекот, ја уништува планетата. Верувам дека постои само едно решение: конечно сериозно да се сфатат поетите, поезијата да се стави во срцето на политичката, економската и социјалната мисла и да не се зема таа како упатство за употреба, ами како усогласеност со бескрајот на животот и со желбата за збратименост“, рече синоќа францускиот поет Жан Пјер Симено, на традиционалниот поетски портрет на лауреатот на Златен венец на Струшките вечери на поезијата (СВП) за 2024 година.
Лауреатот во говорот во црквата „Св. Софија“ потенцираше дека поезијата мора да се сфати сериозно и да биде дел од сите сфери на живеењето.
„Секоја песна е потсетник на овој бескрај. Постојат јазици, култури, традиции, верувања, а неприкосновено, над сите нив е песната, која секогаш и секаде го преставува зборот на самиот народ, на човештвото, кое секаде и отсекогаш имало исти соништа, исти болки, исти прашања, исти желби и, и покрај сè, секогаш ја имало истата нестивната жед за животот. Поезијата е, очигледно, најуниверзалниот и најпостојан јазик на човештвото, таа е есперанто на човечката душа“, рече Симеон.
Францускиот поет рече дека Македонија е голем негувател на пишаниот збор.
„Ако песната е срцето на животот што бие, Струга, во срцето на милениумската Европа, е срцето на поезијата што бие. И ако треба да изразам благодарност оваа вечер, тоа секако ќе биде за огромната чест што ми е направена, но, исто така и пред сè, во името на сите поети кон оние кои, во оваа природна песна од планини, шуми, езера – во Македонија, ја држат високо крената светилката на поезијата“, рече венцоносецот.
Претседателката на Управниот одбор, книжевната теоретичарка Елизабета Шелева во својата беседа рече дека при изборот на нов лауреат годинава сите едногласно го избрале Жан Пјер Симеон.
„Во ова турбулентно и непредвидливо време сите сме суштински гладни за автентична и нова етика, а не само поетика. Етика, проткаена со нова надеж, нова верба, на којашто, треба да се потпреме, бидејќи сѐ наоколу оддишува со закана од распад и обезвреднување, еден комплетен и конечен апсурдизам без преседан, наспроти напредокот во науката и во техниката. Никако да се смири или отстапи злокобниот Танатос, нагонот на смртта, на деструкцијата, на поништувањето на сѐ што е благородно. И токму од таа причина, при изборот на нов лауреат годинава, сите едногласно се приклонивме кон името на Жан Пјер Симеон. Поезијата на Симеон, зад себе го има благородниот контекст и драгоцената закрила на една богата поетска традиција, каква што е француската, којашто ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое трајно живее и опстојува власта на љубовта и убавината“, рече Шелева.
Поетскиот портрет заврши со настап на тенорот Михајло Арсенски, во придружба на македонскиот пијанист Зоран Станишиќ.