Германскиот филмаџија Вим Вендерс ќе добие награда за животно дело од Европската филмска академија на годинашното 37. доделување на Европските филмски награди во Луцерн.
Вендерс често се истакнува како еден од најважните германски режисери на меѓународната сцена. Роден во 1945, тој прво работел како филмски критичар, пред да основа своја продукциска компанија. Првиот игран филм „Лето во градот“ го снимил во 1970 година. Од 1980-тите снима и документарни филмови, за кои имаше три номинации за Оскар.
Меѓу бројните награди што ги има добиено се Златен лав во Венеција, Златна палма во Кан и Сребрена мечка во Берлин, а двапати триумфираше и на Европските филмски награди, со „Небото над Берлин“ и „Пина“. За еден од неговите најуспешни филмови „Париз, Тексас“ од 1984 му беше доделена БАФТА за најдобар режисер.