Во Норвешка почнаа прославите од венчавката на принцезата Марта Луиз и нејзиниот американски партнер, самопрогласениот шаман Дерек Верет. Стотици гости вчера пристигнаа во градот Алесунд во западна Норвешка, а денеска ќе го посетат живописниот град Геирангер, сместен на брегот на фјорд.
Двојката ќе се венча утре на приватна церемонија. Според норвешките медиуми, гостите се замолени да не користат мобилни телефони и камери на церемонијата и да не објавуваат ништо на социјалните мрежи.
Постарото од двете деца на норвешкиот крал Харалд и Верет се свршија во 2022, три години откако потврдија дека се во врска. Педесет и двегодишната Марта Луиз има три ќерки од претходниот брак со писателот Ари Бен, од кого се разведе во 2017. Бен изврши самоубиство две години подоцна.
Марта Луиз долго време предизвикува контроверзи во Норвешка со нејзината посветеност кон алтернативната медицина. Во 2002 ја изгуби титулата Нејзиното височество со цел да може да почне приватен бизнис, во 2017 се прогласи за јасновидец и до 2018 водеше училиште во кое ги учеше учениците да прават чуда и да зборуваат со ангели.
Верет, пак, се претставува како шеста генерација шамани, службеник на бог и активатор на енергија кој ја демистифицира духовноста преку неговите учења. Во интервју за „Венити фер“ тврдеше дека станал од мртвите и дека како дете му било предвидено дека еден ден ќе се ожени за норвешка принцеза. По свршувачката, Верет се пресели во Норвешка и се придружи на кралското семејство без титула.