(Специјално од Ротердам: Марина Костова)
„Секси Дурга“ на индискиот дебитант Санал Кумар Сасидрахан го освои Златниот тигар и 40.000 евра на 46. Филмски фестивал во Ротердам, најголемата смотра на независен авторски филм во светот. Своевиден роуд муви, „Секси Дурга“ е приказна за патешествието на младата Дурга и нејзиниот љубовник кои бегаат од општествените и културни стеги, особено жестоки за жените.
Специјалната награда на жирито за исклучително уметничко достигнување освои чилеанскиот автор Нилес Аталах за „Крал“, стилизирана екранизација за заборавен француски авантурист од пред два века, кој прв влегол во територијата на домродните чилеански Индијанци и се прогласил за нив нивни крал.
Наградата на публиката ја освои „Месечева светлина“, на американскиот автор Бери Џенкинс, кој е и меѓу годинашните номинирани за Оскар за најдобар филм.
Победник во селекцијата Светла иднина е канадската авторка Софи Гоје за „Тивка ноќ, спокојна светлина“, која освои и 10.000 евра. Филмот е медитативна експресија за потрагата по смисла, среќа и љубов на тројца луѓе од различни делови на светот.
Наградата од жирито на публиката што носи и 30.000 евра ја освои тајландскиот „Поп Ај“, за архитект кој кризата во личниот живот ќе ја преброди така што ќе тргне на пат со слон.
Наградата на Меѓународната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ ја освои „Прозорец кон Розалија“ на Аргентинката Каролине Леоне, роуд муви за 63-годишната жена која ќе биде отпуштена по 30 години служба во фабрика и која тоа го доживува безмалку како смртна пресуда.
„Квалитетно време“ на холанскиот дебитант Дан Бакер, иновативна комедија што беше во трката за Тигрите, ја освои наградата на младата критика.