Владимир Путин пристигна денеска во официјална посета на Монголија, членка на Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој побара негово апсење. Путин ќе се сретне со монголскиот лидер Ухна Хурелсух, што му е прва посета на членка на МКС откако тој издаде налог за негово апсење за нелегалната депортација на деца од Украина во Русија од почетокот на војната.
Украина и Брисел ја повикаа Монголија да го уапси Путин и да го предаде на судот во Хаг. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, минатата недела кажа дека не се загрижени за посетата.
Членките на МКС се обврзани да ги приведат лицата за кои е распишан налог за апсење, но судот нема никакви механизми за принудување. Монголија не навести дека планира да го спроведе налогот.
Монголија, која е сместена меѓу Русија и Кина, е силно зависна од двете држави, особено во поглед на енергијата.