Скопје, 28 март, 2016 (САКАМДАКАЖАМ.МК) – Специјалната обвинителка Катица Јанева денеска најави дека оваа недела нејзиното обвинителство ќе ги преземе и предметите за Маѓар Телеком, случајот на поранешниот прв разузнавач Зоран Верушевски и неговиот син Горан Верушевски.
Таа рече „во текот на утрешниот ден до Советот на јавните обвинители на Република Македонија ќе биде доставено барање за доставување на наведените предмети со сите списи до ова јавно обвинителство заради наше постапување во рамки на законските овластувања, бидејќи овие предмети произлегуваат од законот за специјалното јавно обвинителство и содржината на овие предмети се однесува на незаконското следење на комуникациите.“
На прашање на новинарите до обвинителката Ленче Ристоска, дали очекуваат опструкции од Советот на јавни обвинители, таа одговори дека очекуваат тој да постапи согласно Законот за специјално обвинителство.
„Ние и понатаму веруваме во независноста и во непристрасноста на институциите. Веруваме дека и покрај сите недоразбирања што ги имавме во изминатиов период ќе се најде начин истите да се надминат“, рече обвинителката Ристоска.