Во Македонија денеска официјално стартуваше проектот за велосипедската рута „Транс Динарика“, која го поврзува Западен Балкан. Рутата овозможува возење велосипед 5.000 километри низ шест земји од Западен Балкан, меѓу кои и 605 километри низ Македонија.
Оваа велоспедска рута е проект на Регионалната програма „Рекономи“ финансиски поддржана од Шведската меѓународна агенција за развојна соработка, спроведена и управувана од швајцарската меѓународна развојна организација „Хелветас“ во земјите од Источна Европа и од Западен Балкан.
„Транс Динарика“ ќе поврзе до 2.000 домаќинства и самовработени лица на 400 локации во Западен Балкан. Проектирано е да создаде над 3.000 нови работни места, отвора можности за нови туристички провајдери и има за цел директно економско влијание од 15 милиони евра во рок од три години.
Шведската амбасадорката Ами Ларсон Џаин на промоцијата кажа дека „Транс Динарика“ е „мотор за раст за одржлив рурален развој и доказ за моќта на соработката и заедничката визија за посветла иднина за Западен Балкан“, а министерот за култура и туризам, Зоран Љутков дека земјава во овој проект препознава одлична можност за промоција на рекреативниот туризам, историските локалитети, природната убавина и разновидните искуства на местата низ кои поминува рутата.
„Оваа рута овозможува запознавање со прекрасните пејзажи на земјите од Западен Балкан, со различните традиции, со храната и приказните од овој регион. Многу посетители, за кои е достапна и детална дигитална навигација, за првпат можат да поминат низ локалитетите, селата и националните паркови на УНЕСКО“, рече министерот Љутков.