Двајца ученици и двајца наставници се убиени во вчерашното пукање во средно училиште во американската сојузна држава Џорџија и полицијата објави дека нападот го извршило 14-годишно момче кое лани било испрашувано за анонимни закани преку интернет. ФБИ кажа дека Колт Греј негирал во полиција во мај 2023 дека стоел зад објави на интернет кои содржеле фотографии на оружје и закани за пукање во училиште.
Во пукањето во градот Виндер, кој има 18.000 жители, се ранети уште осум лица, а Греј беше уапсен на самото место и ќе му се суди како на возрасен. Мотивот засега не е познат.
Полицијата кажа дека во нападот било користено оружје налик на пушката „АР-15“.
ФБИ кажа дека неговиот Национален центар за закани лани во мај ги известил локалните власти откако примил анонимна дојава за онлајн закани за напад врз улилиште во непознато време и место. Агенцијата во рок од 24 часа утврдила дека заканите потекнуваат од Џорџија, по што полицијата разговарала со момчето и неговиот татко. Осомничениот, кој во тоа време имал 13 години, негирал дека направил онлајн закани, но властите ги предупредиле локалните училишта „да продолжат да го следат субјектот“.
„Во тоа време немаше веројатна причина за апсење или за преземање дополнителни активности на локално, државно или федерално ниво“, кажа ФБИ.