И НА ДРУГИТЕ ГРАДОВИ ИМ ТРЕБААТ 250 НОВИ АВТОБУСИ, НЕ САМО НА СКОПЈЕ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    И НА ДРУГИТЕ ГРАДОВИ ИМ ТРЕБААТ 250 НОВИ АВТОБУСИ, НЕ САМО НА СКОПЈЕ, РЕЧЕ МИЦКОСКИВлада размислува за набавка на автобуси, но не само за Скопје туку за сите Општини во државата да се направи еден пакет, рече Мицкоски. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата не може да набави нови автобуси само за Скопје, кога потреба од возила имаат и другите градови. САКАМДАКАЖАМ.МК го праша премиерот зошто ако автобуси не купува градоначалничката Данела Арсовска, која беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори и заедно ветуваа 250 еколошки автобуси, тоа не го стори Владата? Мицкоски одговори дели овој проблем не се решава парцијално со набавка на автобуси само за Скопје, туку системски со одлука која ќе вклучува и други градови.

    „Набавка на нови автобуси за Скопје не е проблем, но има и други градови во Македонија кои имаат потреба од нови автобуси, не е само Градот Скопје. Ние понудивме уште тогаш, кога бевме во коалиција со независната кандидатка Арсовска, компанија која ќе отвори фабрика за електрични автобуси, но тоа остана само како решение од едната страна, немавме партнер од другата страна. Како Влада размислуваме за набавка на автобуси, но за сите Општини во државата да направиме еден пакет, како што се  Битола, Тетово, Прилеп, Штип, Охрид. Да видиме како можеме тоа генерално да го решиме. Ако на Скопје му требаат 250 автобуси, за што се сложувам, тогаш и на другите општини заедно им требаат уште 250 автобуси. Ова е проблем кој системски како Влада треба да го решиме и ќе го решиме“, рече Мицкоски на денешната прес-конфереција во Владата.

    Откако на градоначалничката функција е Данела Арсовска, јавниот превоз во главниот град е во колапс. Нема автобуси, па по еден час се чека на станиците, а кога ќе дојде е преполн со патници. Приватните превозници не возат со динамиката од порано, бидејќи на време не им се исплаќаат парите од ЈСП „Скопје“ за услугата која ја даваат.

    Арсовска како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните избори со ветувањето за 250 нови еко автобуси и бесплатен превоз за сите граѓани. За три години од нејзиниот мандат автобуси не се набавени, ниту пак ќе почне постапката и наредната година бидејќи советниците од ВМРО-ДПМНЕ не ја гласаат одлуката за набавка.

    Во Скопје нови 33 еко автобуси беа набавени во времето на градоначалникот Петре Шилегов, за кои ЈСП „Скопје“ зема кредит од 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.

    Во 2010 кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески со пари од државниот буџет набавија 200 кинески двокатни автобуси и 84 украински нископодни автобуси. Потоа овие автобуси беа дадени на Град Скопје во мандат на градоначалникот Коце Трајановски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира