По годинашната летна сезона во уште полоша состојба се делници од земјениот пат на Пелистер кој води до главните туристички атракции, Антена и Големо и Мало Езеро. Делови од патот се раскопани и преполни со искршени камења, па по нив тешко можат да се движат пешаци и велосипедисти.
Туристите од Англија кои деновиве со електрични велосипеди возеа низ Пелистер реагираат дека патот е оштетен во голема мера.
„Многу убава природа, но патот ви ја одзема целата енергија. Четирициклите го оштетија патот. Мора да се одржува. Сме биле и на Аплите, но таму се преземаат акции за чистење на делниците кои ќе се наполнат со камења. Не може вака стихијно да се остави патот“, реагираат Англичаните кои поради камењата се откажаа од качувањето до врвот Антена.
Планинари велат дека катастрофалната состојба на патот е последица на возилата, односно џипови, а во последно време најмногу има мотори и четирицикли.
„Ова е делница по која се искачуваат џипови со туристи, моторџии, гости кои изнајмуваат четирицикли. Мора да се развива и туризмот, мора да има пат и за тие да се искачуваат. Но, потребна е и акција со багерче да се исчистат местата каде што има многу камења за да се олесни движењето на сите. Вака може некој да се повреди“, велат битолски планинари.
Ова е земјен пат што води од Инфоцентарот на Пелистер, преку Пали Снопје и поранешниот дом Ловечка до Антена, Големо и Мало Езеро.
За да се намали протокот на возила и да се овозможи заштита на животната средина, од националниот парк лани на влезот од патот поставија рампа, па на возилата им се наплатува за да се движат по него. Рампата за празничниот викенд беше отворена.
Ж. ЗДРАВКОВСКА