Австралиската полиција побара меѓународна помош за да се фати маж кој избегал од земјата откако истурил врело кафе врз бебе во Бризбејн.
Нападот кој ја шокираше нацијата се случи на 31 август и го остави деветмесечното машко бебе со сериозни изгореници на лицето и екстремитетите. Полицијата на Квинсленд издаде налог за апсење за 33-годишен маж, кој се соочува со обвиненија за кои може да добие доживотен затвор. За него се вели дека е странски работник кој повеќепати патувал во Австралија од 2019.
Сепак, денеска беше објавено дека осомничениот избегал од земјата шест дена по инцидентот и само 12 часа пред властите да успеат да го потврдат неговиот идентитет.
Бебето било на пикник со родителите во парк, кога, како што кажаа очевидците, „им се приближил чуден човек, истурил кафе врз бебето и избегал“. Бебето веднаш примило прва помош, но се здобило со сериозни повреди и веќе било оперирано неколкупати. Родителите велат дека заздравувањето ќе трае неколку години.
Мотивот на нападот не е познат.