ПОМПЕЗНО ЈА ДОЧЕКАВМЕ „ИЛИНДЕНКА“ ДОМА, ПО ЕДНА ГОДИНА НЕЗАИНТЕРЕСИРАНОСТ НА ДРЖАВАТА НЕЧУЈНО СЕ ВРАЌА ВО БЕЛГРАД, ВЕЛИ ПИЛОТОТ ЧАЧКИРОВ

    ПОМПЕЗНО ЈА ДОЧЕКАВМЕ „ИЛИНДЕНКА“ ДОМА, ПО ЕДНА ГОДИНА НЕЗАИНТЕРЕСИРАНОСТ НА ДРЖАВАТА НЕЧУЈНО СЕ ВРАЌА ВО БЕЛГРАД, ВЕЛИ ПИЛОТОТ ЧАЧКИРОВ„Илинденка“ реставрирана и обновена, повторно се враќа во својот во Музејот во Белград. (Фото: Привата архива)

    „Помпезно ја дочекавме, нечујно ја вративме ‘Илинденка’“, вели пилотот и хроничар на македонското воздухопловство Ѓорѓи Чачкиров, разочаран од односот на државата за првата македонска едрилицa.

    Лани после повеќе од педесетина години,  „Илинденка“ беше изложена на спортскиот аеродром во Стенковец за време на авио шоуто што по повод 100 години македонска авијација го организираше аеро клубот „Скопје“.

    Таа е производ на првото и единствено македонско воздухопловно претпријатие „20 Мај“ Скопје. Првата произведена едрилица од овој тип датира од 1955, а нејзиниот летачки пат траеше до крајот на 1960-тите години од минатиот век.

    „Донесената и прикажана ‘Илинденка’, беше сопственост на некогашниот Воздухопловен сојуз на Србија, а после нејзиното ставање надвор од употреба, беше отстапена на некогашниот Музеј на југословенското воздухопловство, денес Воздухопловно технички музеј, каде што има третман на национално богатство. Нејзиното доаѓање беше плод на договор меѓу македонската и српската Влада, со кој ‘Илинденка’ беше донесена на привремен престој во Скопје, во траење од една година. По нејзиното доаѓање во Скопје таа беше поправена од претходни оштетувања, беше реставрирана и изложена пред воздухопловните сладокусци и пред целата македонската јавност. На нејзиниот приказ говореа, тогашните, премиер на македонската Влада, Димитар Ковачевски и српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ. После ова, едрилицата беше ставена во хангарот на спортскиот аеродром Стенковец. Оттука, мојот впечаток е дека таа се врати во заборавот во којшто веќе беше влезена. Не најдовме доволно време и простор за поширока нејзина популаризација, за нејзината и наша воздухопловна историја којашто сведочи за некогашното ниво на нашето воздухопловно едриличарство, на нашата авијациска техничка, технолошката и кадровска подготвеност. На гнездото во коешто се испилуваа идните пилоти, коишто денес ги има сѐ помалку“, реагира Чачкиров.

    „Само ветераните ја испратија ‘Илинденка’“, вели Чачкиров. (Фото: Приватна архива)

    Чачкиров вели дека не летал со едрилицата, бидејќи со летањето почнал една година после нејзиното „пензионирање“, но ја видел расклопена и оставена надвор од хангарите на нашите спортски аеродроми.

    „Тоа беа двете македонски едрилици коишто носеа регистрации ‘YU-4099’ и ‘YU-4102’. Стоеја надвор на забот на времето, додека не се преработија во летвички за изработка на модели. Оттогаш, кога и самиот почнав да летам на едрилици и авиони, почнав да ги собирам и купувам сите историските документи, спомени и оригинални фотографии коишто сведочат за неа. Од сите нив, во мојот компјутер, се создаде своевидна монографија за ‘Илинденка“ и првото и единствено воздухопловно претпријатие „20 Мај“. Сонував и сонувам таквата монографија да ја види светлината на денот и љубопитноста на воздухопловните симпатизери“, вели тој.

    Додава дека сега кога делумно се остварила неговата прва желба, барем во еден период, да се врати „Илинденка“ дома, се зголемило и неговото разочарување.

    „Мислам дека не ѝ посветивме соодветно македонско гостопримство и достоен јавен публицитет. Сега таа, реставрирана и обновена, повторно се враќа во својот вечен дом, во музејот во Белград. И кој знае дали ќе имаме нова можност повторно да ја видиме во родното Скопје“, вели Чачкиров.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира