Долорес Лео Поповиќ ја доби наградата за најдобро актерско остварување на 32. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, кој синоќа заврши во Струмица. Наградата ја доби за улогата на Ања во претставата „Кенди“, според романот на Лук Дејвис, во режија на Тамара Стојаноска, во продукција на независниот театар „Златен Елец“ од Скопје.
Наградата, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда во износ од 1.500 евра и плакета, ќе биде врачена дополнително.
„Бавејќи се со неопходноста на преиспитување и толкување на современоста, преку еден ненападен, суптилен актерски јазик Долорес Лео Поповиќ естетски го обликува проблемот и општественото-политичките односи во кои живееме, создавајќи автентичен моќен лик што покрај актерска естетика и слобода во уметничкото креирање постанува клучно средство за постигнување и негување како на општествената така и на индивидуалната способност за емпатија, но и за постигнување на општествена акција, зашто уметноста – театарот е оној којшто инспирира во изградбата на подобар и поправеден свет“, стои во одлуката на жирито на чело со ланскиот лауреат, актерот Јордан Симонов, Билјана Крајчевска и Александар Ивановски.
„Кенди“ минатиот месец ја доби наградата за најдобра претстава на меѓународниот џез театарски фестивал Нишвил во Ниш, Србија. Претходно ги освои наградите „Бранко Ѓорчев“ на истоимениот фестивал за дуодрама во Неготино и „Биш“ на Млад отворен театар во Скопје. Игра и Бобан Алексоски, а музиката е на Лука Тошев.
Фестивалот затвори со претставата „Падот на Масада“ од Венко Андоновски на Драмски театар од Скопје во режија на Дејан Пројковски, која беше и последна претстава во официјална конкуренција.