Во Собранието денеска е изгласан Законот за кредитно задолжување кај Унгарската експорт импорт банка во висина од 500 милиони евра. Законот е донесен по скратена постапка и „за“ гласаа 65 пратеници, против беа 15, а воздржани немаше.
Како што стои во Законот, заемот ќе се повлече во една транша, а рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25%, а ќе се плаќа провизија за неповлечени средства во висина од 0,5% од заемот на годишно ниво. Кредитот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.
Против задолжувањето беше опозициската СДСМ според која, законот е криминален и се носи по скратена постапка без јавна и широка дебата.
„Ја повикуваме власта да се вразуми, да го повлече законот, да го стави во редовна постапка со широка дебата во која ќе бидат вклучени експерти. Доколку тоа не го направи, тогаш е јасно дека има други скриени намери“, рече минатата недела лидерот на СДСМ Венко Филипче кој побара тој да се носи во редовна постапка.
Ваквото барање на опозицијата не беше прифатено и власта по скратена постапка го донесе законот.
Вчера, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски најави дека кон крајот на месецов во Охрид ќе дојде унгарскиот премиер Виктор Орбан. За време на посетата се очекува да се потпише договорот за задолжување.
А. АНТЕВСКА