АКО НА СТРАНЦИТЕ ИМ ПРЕЧИ ДА ПЛАЌААТ ПОСКАПО ОД ДОМАШНИТЕ ЗА ВЛЕЗНИЦИ ВО ИСТОРИСКИТЕ ОБЈЕКТИ ВО ОХРИД, ЌЕ РЕАГИРАМЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА И ТУРИЗАМ

    АКО НА СТРАНЦИТЕ ИМ ПРЕЧИ ДА ПЛАЌААТ ПОСКАПО ОД ДОМАШНИТЕ ЗА ВЛЕЗНИЦИ ВО ИСТОРИСКИТЕ ОБЈЕКТИ ВО ОХРИД, ЌЕ РЕАГИРАМЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА И ТУРИЗАМБилетот за Музејот на вода, Куќата на Робевци, Галеријата на икони и Самоиловата тврдина за странските посетители чини 150 денари, а за домашните 120. (Фото: СДК.МК)

    Странските туристи плаќаат повисоки цени од домашните посетители за влез во објектите од културно-историско значење во Охрид. Оваа пракса која беше воспоставена уште во времето на социјалистичка Југославија, под изговор дека странците се богати па треба да плаќаат поскапо, остана и во независна Македонија. Со години, оваа пракса важи и според одлуката на Управниот одбор на Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, со која се утврдува висината на влезните билети за посета на објектите и локалитетите.

    За посета на Музејот на вода, Куќата на Робевци, Галеријата на икони и Самоиловата тврдина цената на билетите за странските посетители изнесува 150 денари, додека за домашните таа е 120 денари. Учениците и студентите плаќаат 60 денари.

    Новоназначениот в. д. директор Горан Патчев вели дека ова е одлука која ја затекнал и мора да се почитува. Вели дека за какви било какви евентуални промени или изедначување на цената на билетите ќе мора да се направи анализа според која ќе се носи одлука за нови цени.

    Со години, оваа пракса важи и според одлуката на Управниот одбор на Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, со која се утврдува висината на влезните билети за посета на објектите и локалитетите. (Фото: Архивска фотографија)

    „Во овој момент по овие цени се испечатени билетите и додека има количини ќе се продаваат по овие цени. Во иднина ќе се разгледа можноста да се изедначи цената, но со оглед дека и во овој момент се ниски, цените изедначувањето би било на повисоката или некоја средина да се најде. Од странците имаме коментари дека цените се доста ниски, додека од домашните посетители има реакции дека им е многу, а има и такви кои не сакаат ни да платат карта. Сигурно и во минатото ова е разгледувано и затоа се дошло до такви цени. Не може да се задоволат сите потреби, на домашните им е скапо, на странците евтино. Според тоа, можеби ваква минимална разлика или некоја средина сепак е најдобро, но пак велам ќе се направат анализи, па дополнително ќе се донесе нова одлука“, вели Патчев.

    Од странците имаме коментари дека цените се доста ниски, вели директорот Патчев. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за култура и туризам вели дека нема надлежност да ја определува и утврдува висината на влезните билети во објектите и локалитетите. Одлука за висината на влезниците носат самите институции и Управните одбори согласно проценка на пазарот.

    „Во насока на афирмација на културното наследство и развој на туризмот и привлекување на странски туристи, Министерството се заложува за подобра промоција и презентација на нашето културно наследство и доколку ваквата разлика има негативна рефлексија, ќе вложи напори ова да биде надминато“, ни рекоа од кабинетот на министерот Зоран Љутков.

    Влезот во сите локалитети кои се под надлежност на Завод и Музеј во првиот ден од месецот е слободен, освен во месеците од летната туристичка сезона. Слободен влез има и за државниот празник 8 Септември, Денот на музеите – 18 мај и Денот на локалитетите – 18 април.

    Од Завод и Музеј велат дека целта е доближување на охридското културно наследство до локалното население, како и усогласување со меѓународната музејска пракса.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира