САД, Велика Британија, Европска Унија и други сојузници предложија 21-дневно примирје помеѓу Израел и Хезболах, што би отворило простор за дипломатско решение на конфликтот, кој се заканува да прерасне во општа војна на Блиски Исток. Во заедничко соопштение, 12-члениот блок кажа дека непријателствата се неподносливи и претставуваат неприфатлив ризик од поширока регионална ескалација, што не е во интерес на двете завојувани страни.
Ова доаѓа откако шефот на израелската војска Херци Халеви најави дека обемните воздушни напади против Хезболах би можеле да бидат вовед во копнена офанзива во Либан.
Соопштението го потпишаа САД, Австралија, Канада, Европска Унија, Франција, Германија, Италија, Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати, Велика Британија и Катар и уследи по средбата на светските лидери на Генералното собрание на Обединетите нации. Тие велат дека 21-дневната пауза во борбите ќе биде одржлива фаза, што ќе овозможи натамошни преговори за да се постигне сложен договор. САД притоа одбиваат преговори со Хезболах, туку само со либанската влада, чија обврска ќе биде да разговара со „недржавните играчи“.
Либанскиот премиер Наџиб Микати изјави во Њујорк дека неговата земја се соочува со „грубо кршење на суверенитетот и човековите права поради бруталните практики на израелскиот непријател“. Повеќе од 600 луѓе загинаа во досегашните израелски бомбардирања, кои почнаа во понеделникот, а десетици илјади луѓе се раселени.