В недела (29 септември) од 11 часот, на Стадионот на АРМ во Градски парк во Скопје ќе се одбележи Денот на италијанскиот спорт во светот, нов настан што го промовира Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, во соработка со италијанското Министерство за спорт и италијанскиот Национален олимписки комитет.
Настанот во Скопје го организира Амбасадата на Италија, а првото издание на Денот на италијанскиот спорт посветува посебно внимание на фудбалот, еден од најомилените спортови во Италија, но и во Македонија.
По тој повод, ќе биде претставено новоформираното здружение на македонски фан клубови на италијанските фудбалски екипи „Навивачи Калчо Триколоре“. Со своите дресови, знамиња, шалови и други навивачки реквизити ќе бидат присутни симпатизери на Јувентус, Интер, Милан, Лацио, Наполи и Рома.
По свечениот дел следуваат фудбалски натпревари на јуниорската машка и женска екипа (8-12 години) на Брера од Струмица, Џиџи од Скопје (девојчиња) и Работнички од Скопје (момчиња), како и турнир во мал фудбал помеѓу фан клубовите на италијанските екипи присутни во земјава.
Денот на италијанскиот спорт исто така има за цел да потсети дека Италија ќе биде домаќин на следните Зимски Олимписки и Параолимписки игри, кои ќе се одржат во Милано и Кортина во 2026.