Со модна ревија во напуштена хала на некогашниот текстилен гигант „Македонка“, во Штип синоќа почнаа Деновите на модата што ќе траат до 2 октомври.
„За да се врати старата слава која пред три децении згасна со сеопштата трансформација и пропаѓање на големите македонски компании, правиме обид да го вратиме сјајот на Штип кој и порано и сега е град на текстилот и модата на овие простори“, рече градоначалникот Иван Јорданов на отворањето на Деновите на модата во Штип.
Општината, во соработка со конфекциски компании, модни дизајнери и здруженија од сферата на текстилот во Штип, по десет години со модни ревиии организираат смотра на крајните производствени дострели на фабриките во градот. На текстилните и модните компании годинава им се придружуваат и студентите од Техничко-технолошкиот факултет во Штип чии креации ќе бидат презентирани на последниот ден од модните денови. Ревии денеска ќе имаат и неколку модни компании од градот, како што „Албатрос“, „Линеа“ и „Астибо“.
Ова е еден вид реинкарнација на модата во Штип, а обидот е втор во самостојна Македонија. Пред повеќе од една деценија, неколку приватни модни компании кои останаа како дел од тогашните „Македонка“ и „Астибо“, посебно оние кои го задржаа овој бренд, имаа мошне успешни модни ревии меѓу кои и на отворено на Плоштадот Слобода.
Во 1970-те па до почетокот на 1990-те, „Македонка“ и модната конфекција „Астибо“ заедно имаа над 8.000 вработени, беа водечки во тогашна Југославија, а со години имаа извоз и репутација не само во Европа, туку и пошироко како големи брендови кои располагаа со сопствено производство и на текстилни и конфекциски материјали. И двете тогашни компании беа поим за текстилните и модните трендови.
На модните ревии на „Астибо“ се сеќава и поранешниот манекен Мики Црнокрак, кој сега е споственик на агенција за модели, кој во Штип изјави дека се надева оти со овој проект се враќа стимулот и големата желба за подобри денови на текстилната индустрија и модните конфекции.
„Јас во тоа време на ‘Астибо’, заедно со Марио Липша сум бил учесник во стотина модни ревиии во цела Европа, но жално е што ова го гледам дека како светски моден тренд оваа ревија се одржува во напуштена, празна хала на поранешната фабрика ‘Македонка’ која не времето имала можеби и 200 вработени, а сега е празна“, вели Црнокрак.
Т. ЈОВАНОВСКИ