Израел потврди дека почнал ограничен, локализиран и насочен копнен упад во јужен Либан, што претставува нова ескалација во двонеделната офанзива против Хезболах. Според Израелските одбранбени сили (ИДФ), целта на операцијата е инфраструктурата на Хезболах, за која се вели дека претставува непосредна закана за израелските заедници на северот на Израел.
„Израел би направил сѐ што е потребно за да го обезбеди враќањето на луѓето кои избегаа од ракетите на Хезболах во речиси една година прекугранично војување. Ќе ги употребиме сите средства, од воздух, копно и од море“, изјави претходно министерот за одбрана Јоав Галант, најавувајќи нова фаза од војната.
ИДФ ноќеска потврди дека трупите ја преминале границата со тенкови и оклопни возила. Извор од либанските безбедносни служби кажа дека либанската војска ги повлекла војниците стационирани на јужната граница за најмалку пет километри северно.
Израелската војска објави дека упадот во јужните либански села близу границата е заснован врз прецизни разузнавачки информации и дека авиони и артилерија ги поддржуваат копнените сили со прецизни удари. Израел ноќеска извел и напади врз Бејрут, чија цел бил заповедник на Бригадата Ал-Акса.
Заменик-шефот на Хезболах, Наим Касем, порача дека се спремни за каква било копнена офанзива.
„Знаеме дека војната би можела да биде долга. Ќе победиме како што победивме во 2006“, кажа Касем, потсетувајќи на последниот голем конфликт со Израел.