Проф. д-р Билјана Кузмановска е именувана за в. д. Национална координаторка за трансплантација, изјави Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК. Проф. Кузмановска предава на Катедрата за анестезиологија, а работи на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).
На 5 јули, Владата ја разреши д-р Маја Мојсова-Мијовска од должноста Национална координаторка за трансплантација, на предлог на министерот за здравство Арбен Таравари. Разрешена беше и нејзината заменичка, д-р Билјана Андоновска.
Од Владата ни рекоа дека во тек е избор за Национален координатор за трансплантација и за негов заменик, за што на 21 август е објавен оглас на страницата на Министерството за здравство и во печатените медиуми за заинтересирани за национален координатор за трансплантација и за заменик-национален координатор за трансплантација, по што се очекува наскоро да бидат назначени од Владата.
„Но, поради сериозноста на функцијата и улогата на националниот координатор, како и заради непреченото одвивање на процесот особено во делот на трансплантацијата од починат донор, проф. д-р. Билјана Кузмановска е именувана за вршител на должност на оваа функција“, ни рекоа од Владата.
Од Министерството за здравство, после три испратени е-пошти уште од 24 јули, вчера ни одговорија дека Кузмановска е назначена за национална координаторка. Оттаму велат дека во однос на целокупниот процес постојните болнички координатори без застој го работат својот сегмент од процесот.
„Потенцираме дека трансплантациите на бубрези од жив донор се вршат континуирано, а за донација од кадавер потребно е да се исполнат строги критериуми кои се однесуваат на донирањето и трансплантирањето на органи, токму заради тоа има повеќе процесуирани пациенти, од извршени трансплантации. Планот за соработка со Министерството за здравство на Хрватска се однесува на следниот тригодишен период 2024-2026 година. Во однос на соработката во областа на трансплантацијата, таа се одвива во подолг временски период. Преку ТАЕКС програмата на ЕУ експерти од Хрватска беа во посета на Македонија и дадоа предлози за подобрување на целокупниот систем од аспект на законодавство, усогласување на стандардите со ЕУ како и организација на системот. Министерството за здравство исто така организираше обуки на наши лекари во центарот за трансплантација во болницата во Меркур каде тим од интернисти и хирурзи беа на кратка едукација за трансплантација на црн дроб“, велат од Министерството.
Во изминативе неколку месеци активни биле и обуките за македонските лекари во делот на детектирање на пациенти во мозочна смрт, одржување на донор, разговор со семејствата за донирање на органи, детекција на пациенти со срцева слабост, пред и пост оперативно следење, како и комплетна пред и по оперативна подготовка и следење на пациентите во делот на трансплантација на црн дроб.
Од октомври, вели Министерството за здравство, започнуваат и обуките и едукацијата во делот на ткивната банка со експерти од Хрватска. За ноември се најавени обуки за болничките координатори за трансплантација, од експерти од Хрватска, во рамки на ИПА проект, а на барање на Македонија.
„Со тоа се надоградуваат вештините на болничките координатори во препознавање на потенцијални донори. Нашата заложба е континуирано унапредување на системот во овој сегмент, а најважно е што во моментов на листите за срце, црн дроб и бубрези нема пациенти кои се означени како итни и кои чекаат итно трансплантација“, вели Министерството.
Од 2020 до март годинава, во Македонија се трансплантирани вкупно 77 органи од починат дарител, од кои 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива.
Б. НЕСТОРОСКА