МАКЕДОНИЈА Е ЗЕМЈА КАДЕ НАЈМАЛКУ СЕ ЧЕКА ЗА ТЕРМИН ЗА МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА, РЕЧЕ ТАРАВАРИ, БОЛНИТЕ ВЕЛАТ БЕЗ ВРСКИ СЕ ЧЕКА СО МЕСЕЦИ

    МАКЕДОНИЈА Е ЗЕМЈА КАДЕ НАЈМАЛКУ СЕ ЧЕКА ЗА ТЕРМИН ЗА МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА, РЕЧЕ ТАРАВАРИ, БОЛНИТЕ ВЕЛАТ БЕЗ ВРСКИ СЕ ЧЕКА СО МЕСЕЦИДиректорот на Здравствен дом Скопје, Исени, премиерот Мицкоски и министерот Таравари денеска го промовираа апаратот за магнетна резонанца во скопската Поликлиника Идадија. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека Македонија е земја каде најмалку се чека за да се направи магнентна резонанца. Денес во Поликлиниката Идадија во Скопје, Таравари заедно со директорот на Здравствен дом Скопје, Самир Исени, и премиерот Христијан Мицкоски промовираа нов апарат за магнетна резонанца кој е пуштен во употреба на 17 јули. Купен е со сопствени средства на Здравствен дом Скопје, во вредност од 83 милиони денари (околу 1,3 милиони евра).

    Исени кажа дека од 17 јули до 2 септември биле закажани 476 термини, што е 9 пациенти на ден. Ова е втор апарат за магнетна резонанца на Здравствен дом Скопје, првиот е поставен во Поликлиника Бит Пазар.

    Кабинетот само работи прва смена, од 7:30 до 13:30 часот. Според Исени, доаѓаат пациенти од цела земја. Се очекува да се намали чекањето на пациентите за оваа услуга, со оглед на тоа дека првиот апарат од 2018 што е во Поликлинката во Чаир се направени 23.900 снимања.

    „Нам ни преостанува да овозможиме со дополнителен медицински кадар да работи и втора смена, за да се овозможи да стигнат до ваква здравствена услуга за која би можел да кажам дека е луксузна. Не би сакал да претерам, но најверојатно Македонија е земја во која најмалку се чека за да се направи магнетна резонанца, со која можеме да се пофалиме како држава“, кажа Таравари, додавајќи дека наскоро ќе има централизација на радиологијата низ државата.

    Според реакции од читатели кои стигнуваат во нашата редакција, за термин за снимање за магнетна резонанца се чека по повеќе месеци.

    „За првиот пат за снимање за дијагностицирање, со врски чекав повеќе од месец дена. Во комуникација сум со други болни, знам дека чекаат и по 3-4 месеци. А за контролните по неколку недели, пак со врски. Проблем е што се закажува само прва смена. Срамота е за земјата што треба за сè врски да се фаќа. Инаку, за неколку месеци дур се чека, болеста може да прогресира многу. Особено за агресивни типови рак“, вели 42-годишна скопјанка.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира