Најмалку 15 луѓе загинаа во катастрофалните поплави во Босна и Херцеговина, а уште многу луѓе се водат како исчезнати, потврдија од владата на Херцеговско-неретванскиот кантон (ХНК).
„Точната бројка на исчезнати засега не ја знаеме. Ваква криза не сме имале уште од војната, размерите на оваа хаотична ситуација се застрашувачки“, изјави Дарко Јука, портпаролот на владата на ХНК.
Тој додаде дека ситуацијата сега е постабилна и дека итните служби успеале да се пробијат до Јабланица, која е една од најтешко погодените општини. Магистралниот пат што ги поврзува Јабланица и Мостар е целосно уништен.
„Во овој момент, најкритично е во Долна Јабланица, која е целосно отсечена од светот. Има неколку паднати моста на реката Дрежанка. И поширокото подрачје на Коњиц е изолирано. Сите расположиви сили се на терен“, кажа Јука.
Покрај 14-темина починати во Јабланица, една жена загина и на подрачјето на Фојница.
„Ситуацијата со поплавите е многу сериозна, бројни граѓани се заробени. Поради обилните врнежи во текот на ноќта, Јабланица, Коњиц, Кисељак, Крешево и Фојница се борат со поплави, одрони и свлечишта“, изјави премиерот на БиХ, Нермин Никшиќ.