КОГА ЌЕ ДОБИЕМЕ НОВ ОРГАН НЕ СМЕ ВЕЌЕ ИНВАЛИДИ НА ТРУДОТ, ТУКУ РАБОТОСПОСОБНИ ЛИЦА КОИ ПРИДОНЕСУВААТ ЗА ОПШТЕСТВОТО, РЕЧЕ ВАСКО ЈОЛЕСКИ ОД „ХРАБРО СРЦЕ“

    КОГА ЌЕ ДОБИЕМЕ НОВ ОРГАН НЕ СМЕ ВЕЌЕ ИНВАЛИДИ НА ТРУДОТ, ТУКУ РАБОТОСПОСОБНИ ЛИЦА КОИ ПРИДОНЕСУВААТ ЗА ОПШТЕСТВОТО, РЕЧЕ ВАСКО ЈОЛЕСКИ ОД „ХРАБРО СРЦЕ“„Во оној момент кога веќе не можеме да направиме ништо за својот близок, треба да бидеме крајно хумани, да донесме тешка и хумана одлука, да дозволиме дел од нашиот близок да живее во некој друг, односно да спасиме туѓ живот“, рече Јолески (лево) на денешниот настан. (Фото: К. Попов)

    Со подигнувањето на свеста за органодарителството, ќе се подобри и општественото добро, затоа што тие пациенти кои во моментов сме инвалиди на трудот, ќе станеме работоспосбни и ќе можеме да твориме за општеството, а не само да ги користиме придобивките од истото, рече Васко Јолески од Здружението „Храбро срце“ на денешното одбележување на Европскиот ден на органодарителството.

    На настанот говореа и министерот за здрвство Арбен Таравари, новоназначената в. д . национална координаторка за трансплантациија д-р Билјана Кузмановска и претставничката на Делегацијата на Европската Унија Мариа Канелополу.

    „Од другата страна на органодарителството се наоѓаат пациентите коишто се најзасегнати од овој проблем, на кои таа хуманост во оној момент кога некој треба да се оддели од својот близок и во тој момент му се чини дека губи сѐ на светот, треба да изнајде во себе сила да овозможи на некој друг да живее со дозвола да се даруваат органите од својот близок. Тоа е непходно за многу пациенти коишто се наоѓаат на листата за трансплантација. Затоа од тука сакам да ја испратам пораката, во оној момент кога веќе не можеме да направиме ништо за својот близок, треба да бидеме крајно хумани, да донесеме тешка и хумана одлука, да дозволиме дел од нашиот близок да живее во некој друг, односно да спасиме туѓ живот“, кажа Јолески.

    Канелополу, Таравари и д-р Кузмановска на денешниот настан за органодарителството. (Фото: К. Попов)

    Од 2020 до март годинава, во Македонија се трансплантирани вкупно 77 органи од починат дарител, од кои 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива.

    Д-р Кузмановска кажа дека Денот на органодарителството е воспоставен и се одбележува секоја година заради медицинските потреби на пациентите кои чекаат на листата за трансплантација. Развојот на трансплантационата медицина, вели таа, подразбира можност на овие пациенти да им се даде орган кој ќе значи додадени години на животот, а исто така и додаден квалитет на годините на живот кои ќе ги добијат.

    „Оттука произлегува важноста за свесноста, како на медицинскиот кадар, така и на општата популација за органодарителството.
    Свесноста за органодарителство се подига преку едукација, на здравствените работници, и тоа уште од студентските денови кои подоцна ќе израснат во експерти, едукација на медиумите и едукација на општата популација“, рече д-р Кузмановска.

    Министерот Таравари кажа дека нивна заложба е континуирано унапредување на системот во овој сегмент, а најважно е што во моментов на листите за срце, црн дроб и бубрези нема пациенти кои се означени како итни и кои чекаат итна трансплантација.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира