Пукнатините на Камениот мост, симболот на Скопје, се појавија како резултат на денивелацијата на спојот помеѓу елементите од венецот и плочникот и не влијаат на статичката стабилност на Камениот мост, вели Националната установа Конзерваторски Центар, задолжена за грижата за мостот.
Пукнатината долга дваесетина метри деновиве се отвори на Камениот мост, од десната страна на мостот во насоката од Стара Чаршија кон Плоштадот Македонија. На неколку места пукнатината во травертинските плочки е широка и по неколку сантиметри.
„Конзерваторско реставраторските работи на споменикот на културата Камени Мост, се одвиваa во периодот од 1995 до 2005 година. Забележаните пукнатини се веќе одамна евидентирани од стручни лица и истите во континуитет се следат за евентуални промени. Доколку стручните лица оценат дека се неопходни интервенции, ќе се постапи по Законот за заштита на културното наследство (истражувачки работи, изработка на конзерваторски проекти во кои ќе бидат вклучени сите релевантни институции кои ќе ги утврдат причините и мерките за заштита, по кои ќе бидат изведени непходните заштитни интервенции)“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Националната Установа Конзерваторски Центар.
Од таму додаваат дека вршат постојано увид и надзор над сите споменици на културата на територија на град Скопје и околината.