Основното јавно обвинителство Битола ја отфрли кривичната пријава на Вишиот јавен обвинител на Скопје Мустафа Хајрулахи, поднесена против вишата обвинителка Фатиме Фетаи на која тој ѝ е претпоставен и ѝ поднесе не само кривична пријава, туку и дисциплинска постапка, а и јавно медиумски ја обвинуваше за злоупотреба на службената положба.
Тој лани ја пријави дека наводно нарачувала текстови преку сопственикот на „Доказ“.
Нема комуникација ни докази, кои потврдуваат дека обвинителката Фатиме Фетаи барала „услуги“ од сопственикот на сајтот „Доказ“ Марјан Стаменковски.
„Основното јавно обвинителство Битола, постапувајќи по поднесената пријава, во целост ги испита наводите и утврди дека во дејствијата на пријавената не се содржани елементи на кривично дело – Злоупотреба на службена положба или друго дело кое се гони по службена должност. Во текот на постапката, јавниот обвинител го испита пријавителот, а прибави и дополнителна документација од мобилните оператори и други докази, па врз основа на сите дејствија и утврдени околности донесе решение за отфрлање на кривичната пријава“, одговори Обвинителството за САКАМДАКАЖАМ.МК .
Тој го пријави и вишиот обвинител Сашо Рајчев.
„Во однос на втората пријава, постапката е во тек“, ни рекоа од Обвинителството.
Кривичните пријави Хајрулахи ги поднесе во мај 2023 година, а некаде во јули годинава, поднесе претставка дека не било одлучено по нив и дека се носени според него, кон застарување.
С. К. ДЕЛЕВСКА